Фото: Маја Јаневска Илиева

По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во Собранието денеска се одржа седница посветена на темата „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“. На седницата се обратија претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, како и повеќе пратенички и пратеници.

Во своето обраќање, Силјановска-Давкова истакна дека годинашното одбележување на 8 Март се одвива во тажна атмосфера поради неодамнешните случаи на насилство врз жени, посочувајќи дека општеството мора сериозно да се соочи со проблемот на семејното насилство и фемицидот.

– Страшно е секој 8 март да броиме нови жртви и повторно да зборуваме за истите проблеми. Зад статистиката се кријат човечки судбини и трагедии – истакна претседателката.

Таа нагласи дека бројките се алармантни и дека станува збор за сериозен сигнал за слабости во системот на превенција и заштита. Според неа, клучен момент е начинот на кој институциите реагираат кога жртвата ќе пријави насилство.

– Обучени и сензибилизирани полицајци, социјални работници и судии можат да бидат спасители, но нивната неактивност може да значи и пасивно соучесништво – предупреди Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека фемицидот не е изолиран инцидент, туку резултат на долг процес на психолошко насилство, притисок и контрола врз жртвата. Затоа, како што рече, неопходна е подобра координација меѓу институциите – полицијата, социјалните служби, обвинителството и судството.

Претседателката се осврна и на обврските што произлегуваат од Истанбулската Конвенција, нагласувајќи дека државата мора да воспостави функционален систем за превенција, заштита и санкционирање на насилството врз жените.

Во говорот беше потенцирана и потребата од поголемо учество на жените во процесите на одлучување, како и нивната улога во науката, политиката и општествениот развој.

– Одбележувањето на 8 Март не смее да се сведе само на симболични гестови. Жените не очекуваат празнична галантност, туку сигурност и правичен систем што ќе ги штити нивните права и достоинство – порача Силјановска-Давкова.