Премиерот Димитар Ковачевски сака брзо, но не избразано решение со соседна Бугарија за да се отворат преговорите со Европската Унија. Тој тоа го нагласува во денешното интервју за МИА дадено по неговата прва посета на Брисел откако стапи на функцијата, а во кое се осврнува и на разговорите што ги имал во седиштата на ЕУ и на НАТО во Брисел, како и за македонските ставови за украинската криза.
-Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ – вели Ковачевски.
Во Брисел, како што вели, Ковачевски побарал од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, засилен ангажман за деблокирање на евроинтеграцијата, а по средбата со неа и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека добил многу позитивни сигнали и посветеност на институциите за старт на преговорите со Унијата.
Ковачевски ја повторува новата динамика во односите со Бугарија, која ја воспоставија тој и бугарскиот премиер Кирил Петков по двете средби кои ги имаа минатиот месец, додавајќи дека се согласиле оти во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави била водена од пропагандисти кои што, како што вели, „креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества“. Премиерот го споменува и формирањето на четири други работни групи посветени на економијата и културата кои ќе работат покрај заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања која постои речиси четири години.
На прашањето за изјавата на копретседателот од бугарска страна Ангел Димитров, кој рече дека „додека Северна Македонија не прифати заедничка историја, ние не можеме да преговараме“, премиерот Ковачевски во интервјуто за МИА вели дека смета оти „не е корисно ако едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови, бидејќи тоа креира атмосфера во која другата страна треба да одговара на прашања или тези кои се поставени од страната што дала одредена изјава“.
Тој потврдува дека двајцата ко-претседатели на историската комисија кажале дека ќе ја забрзаат нејзината работа.
Во однос на позицијата на Македонија како членка на НАТО за руско-украинската криза Ковачевски вели дека треба да има деескалација и решавање на кризата со дијалог, како и дека Москва треба да се вклучи во дијалогот НАТО-Русија, кој ќе се води на повеќе различни теми.
-Исто така го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја држава вклучително во овој случај и Украина, и се придржуваме до одредбите од Обединетите Нации на оваа тема. Во рамки на нашето Министерство за одбрана постои дневна комуникација со колегите од НАТО, нашата мисија во НАТО е дел од секојдневното работење и носењето на сите одлуки. Нашето МНР има изработено Оперативен план којшто се координира со земјите членки, а којшто се однесува доколку е потребно на згрижување на наши граѓани на територијата на Украина, тоа да биде направено на соодветен начин – вели Ковачевски.