Реакции за новата образовна концепција за учениците од основното образование
Како заклучок по одржаната седница на Здружението на просветни работници на Град Куманово и иницијатива за разгледување на новата концепција за основно образование од наставниците во основните училишта, како и по одржани наставнички совети и усвоени заклучоци во основните и дел од средните училишта, просветните работници од Куманово реагираат решително со соопштение за јавноста: Неприфатлива е новата концепција за основно образование!
По темелна анализа на новата концепција за основното образование, која веќе е дел од одделенска настава во основните училишта, а годинава треба да се имплементира во предметна настава, наставниците од основните училишта во Куманово ја запознаваат јавноста што подразбира новиот образовен концепт за основно образование.
Имено, со новата концепција, во наставните планови од VI до IX одделение, се исфрлаат наставните предмети: Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, а наместо тие предмети, учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети: предметот Природни науки и предметот Историја и општество.
Во рамките на наставната програма по предметот Природни науки се опфатени некои содржини од наведените наставни предмети што се укинуваат. Наставата во една учебна година треба да ја предаваат три наставника, секој од своето научно подрачје, а вреднувањето на постигнувањата на учениците и годишната оценка ќе бидат математички просек од трите поединечни оценки.
Предметот Историја и општество, според новата концепција, опфаќа дел од наставни содржини од предметите: Историја, Географија и Граѓанско образование, кои повеќе нема да бидат дел од наставните планови. Така, во програмата за VI одделение, децата по овој нов предмет ќе учат за старите цивилизации, за ориентација во простор и за закони.
Наставната програма по предметот Македонски јазик за VI одделение предвидува целосно исфрлање на делот историја на јазик и улогата на словенските просветители Св. Кирил и Методиј во создавањето на словенската писменост и првото словенско писмо.
Според новата концепција за основно образование, наместо наставните предмети Информатика и Техничко образование, учениците ќе изучуваат нов наставен предмет Техничко образование и информатика, со намален број на часови и наставни содржини.
Во средните стручни училишта е намален бројот на часови по англиски јазик од три на два часа седмично, додека во гимназиите се изучува во три часа седмично, со што учениците од средните стручни училишта при полагање на државната матура се во подредена положба од учениците во гимназиите.
Наставниците од основните училишта во Куманово на наставничките совети во рамките на своите колективи, а по претходно искуство со применета нова концепција во одделенска настава, едногласно се изјаснија против новата концепција за основно образование.
Исфрлањето на фундаменталните науки од образованието, за просветните работници од Куманово значи вовед во образование без знаење, способности и вештини, неопходни за живот во новиот милениум. Образовен систем без физика, хемија, биологија, географија и историја, поточно систем во кој во два наставни предмети се спојуваат мал дел научни вистини од горенаведените науки, не може да биде силен и не може да произведе квалитет. Тоа го докажуваат нашите ученици, кои по заминување на странските универзитети постигнуваат врвни резултати.
Исфрлањето на историскиот дел од македонскиот јазик од наставната програма за VI одделение, за просветните работници од Куманово е недопустливо и недозволиво. Јазикот е идентитетско обележје на секој народ и никој нема право да го исфрла од наставната програма она што ја дефинира македонската нација, особено ако и самата експертска комисија што учествувала во изградба на новата концепција дала строги препораки историскиот дел да остане во наставната програма за VI одделение. Кој тоа сам исфрла историја, прашуваат просветните работници од Куманово.
Сеопфатното сексуално образование, во согласност со новата концепција, треба да е дел од наставните планови и програми од најрана возраст во основното образование. Дури има препорака за продлабочување на знаењето од истиот предмет за учениците од IV одделение (деветгодишна возраст) како можност за изборен предмет.
Наставниците јасно укажуваат дека сексуалното образование не може и не смее да биде дел од наставните програми до осмо одделение во кое учениците по предметот Биологија и досега изучуваа за заштита од полово преносливи болести. Училиштето не смее да биде место за промоција на сексот, видови љубов и сѐ што како задача за воспитување му припаѓа на семејството како основна клетка во општеството.
Наставниците од Куманово апелираат до надлежните да работат на јакнење на воспитната улога на училиштето, да се врати угледот на наставниците во општеството и да се гради амбиент во кој се создаваат и негуваат вистинските морални и етички вредности.
За наставниците од Куманово, од суштинска важност е надлежните да испечатат учебници за секој наставен предмет и за секој ученик во основното и средното образование, да создадат подобри услови за настава во училиштата, посилна поддршка на учениците и вработување на педагог, психолог, логопед, дефектолог и образовни асистенти за помош во работа со деца со попреченост во развојот во секое училиште. Во недостиг од просторни услови, најголемиот дел училишта во земјава работат во две смени, без училишни кујни, недоволно опремени кабинети, библиотеки со читалница, фискултурни сали, новата концепција е реално неостварлива. Уште повеќе, во својата суштина, таа води кон слабеење на образовниот систем.
Просветните работници од Куманово ги повикуваат синдикатите да преземат одговорност за враќање на достоинството на наставниците, да ја оправдаат улогата што ја имаат пред своето членство и заедно со наставниците да се изборат за подобар статус на учителот, подобро образование за идните генерации, за подобра иднина и поправедно општество.
Просветните работници од Куманово ги повикуваат наставниците во основните и средните училишта во државата темелно да ја анализираат новата концепција за основно образование, која доколку годинава се имплементира во предметна настава, за неколку години ќе ги опфати и средните училишта. Тие ги повикуваат во рамките на своите наставнички колективи на наставнички совети да се изјаснат по истата таа.
За просветните работници од Куманово новата концепција за основно образование е целосно неприфатлива. Тие ги повикуваат надлежните од Министерството за образование и наука веднаш да ја стопираат новата концепција во основните училишта и се подготвени да работат по старите наставни планови и програми – се наведува во соопштението на Здружението на просветни работници на градот Куманово.