Државен завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) за 2024 година, при што се утврдени повеќе слабости во работењето на институцијата.
Според ревизорскиот извештај, констатирани се недостатоци во процесот на вршење попис на средствата и изворите на средства, како и неизвршена процена на пазарната вредност на градежните објекти. Забележани се и слабости во пресметката и исплатата на платите.
Дополнително, ревизијата утврдила несоодветна организација на инспекцискиот надзор во областа на урбанизмот, како и недоставување шестмесечни извештаи со податоци за постапувањето по претставките и предлозите на граѓаните.
Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека од 2018 година функцијата директор на ДИГУ ја извршуваат вршители на должност подолго од законски дозволениот рок од шест месеци. Според ревизорите, ваквата практика создава ризик институцијата да биде раководена од лица кои не ги исполнуваат законски утврдените услови.
Ревизијата укажува и на слабости во соработката и координацијата меѓу институциите при постапување по претставки и предлози.
Дополнителен проблем, според извештајот, е сериозниот недостиг на инспектори во Инспекторатот, што може да ја намали ефикасноста на инспекцискиот надзор во областа на градежништвото и урбанизмот.
































