Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков ги сумираше заклучоците од денешниот Совет на СОНК кој разговараше за вчерашните договори со Владата.
-Нашето членство се изјаснуваше по однос на договореното и ги сумиравме резултатите. Од вкупно 480 синдикални организации, 388 беа за продолжување на штрајкот, а 83 за прекинување на штрајкот. Најголем дел од овие се од синдикатот за детска заштита, додека за продолжување на штрајкот се изјаснија синдикалните организации од основното и средното образование. СОНК со оглед на сумираните резултати, одлучи штрајкот во основното и средното образование да продолжи и во утрешниот ден се до исполнување на нашите барања. Во градинките штрајкот ќе се стави во мирување, градинките редовно ќе работата во интерес на родителите, децата и на стопанството кое трпи, и ќе ги отворат вратите и ќе работат со нормален интензинет-рече Неделков.
Советот на СОНК одлучи да организира голем масовен протест во среда 4 мај 2022 пред Владата.
-СОНК жали за пропуштената настава, и бара разбирање и поддршка од сите засегнати страни-нагласи Неделков.