До овој момент немаме взаемен договор со ресорните министри, истакна претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес-конференција, додавајќи дека се очекува потврда за работна средба во Владата, во текот на попладневните часови.
– Нашето очекување е во интерес на учениците, на децата во градинките, на родителите, на колегите што штрајкуваат, во интерес на Македонија… Владата да смогне сили, да изнајде начин, средства, да ги договориме побарувањата кои СОНК ги има доставено, во однос на усогласувањето на платите и зголемување на минималната плата на национално ново, продолжувањето на преговорите за колективни договори во детските градинки, како и во основното и средното образование и договор за динамика за пораст на платите за 2023 и 2024 година – кажа Неделков.
Тој наведе дека се очекува штрајкот да продолжи во утрешниот ден доколку не биде постигнат договор или продолжи изјансувањето на СОНК за предлогот на Владата.
– Секој предлог на Владата ќе оди на експресна расправа во членството на СОНК и изјаснувањето ќе биде пресудно дали ќе биде прифатена понудата или не. Кој и да е предлогот, не зависи од овие луѓе кои се тука, туку од оние кои го иницирале штрајкот, за да донесат одлука да се повлече штрајкот – објасни Неделков, напоменувајќи дека мали се изгледите за носење одлука вечерва.
Во знак на поддршка на штрајкот на СОНК, на денешната прес-конференција присуствуваше и директорката на европската конфедерација на синдикати за образование, Сузан Флокен.