Фото: Н.М.

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва соопшти дека сега за сега не се планира воведување вонредна состојба во државата и не планираат да вклучат меѓународни експерти во делот на истрагата за трагичната несреќа во Кочани.

– Можеме тоа самите да го завршиме – потенцира Мицкоски во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан за моралната димензија, премиерот нагласи дека кај него како човек секогаш постои и оти тука нема никаква дилема.

– Ниту вие треба да имате дилема. Осум месеци, нецели девет месеци работам онолку колку што можам за да го поразам овој корумпиран систем и тука немам никаква дилема. Дали треба човек да чувстува морална одговорност? Да, сите ние треба да чувствуваме морална одговорност. Дали само јас треба да чувствувам, ако е тоа потребно еве и тоа го прифаќам, целата морална одговорност нека биде на мене, но прво ќе го поразам овој систем, односно ќе биде како што треба. Односно, сето ова што денеска го почнуваме ќе вроди со плод,  а потоа нема поголем суд од судот на народот на избори кој треба да каже дали и кој треба да понесе морална одговорност – рече Мицкоски. Додаде дека тој како премиер ќе стори сѐ што е во негова моќ прво оваа, како што рече, криминална политичка булумента која нѐ уништуваше целиот овој период и нивните лакеи да ги поразам, па потоа може да разговараме за сѐ друго.

Тој информира дека досега добиваме меѓународна помош во делот на згрижување на дел од повредените. Околу 47 се пренесени во Бугарија, Грција, Србија, Турција. Дел од овие држави испратија порака дека ги прошируваат сместувачките капацитети и подготвени се да примат. Се понудија и Хрватска, Австрија и Холандија.

Премиерот информира дека денеска разговарал со речиси сите европски политичари. Изрази благодарност до институциите, здравствените работницви, МВР, обвинителите и сите останати органи за нивната брза мобилизација и реакција.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека нема да ги коментира одлуките на обвинителите и на судиите. Според него, јавноста многу внимателно ќе го следи развојот на настаните и овој случај. Посочи дека повеќе од 20 луѓе се приведени или изведени пред обвинител на распит и најави дека ќе излезат „уште многу други работи кои се навистина катастрофални и алармантни“.

– Тоа што некој за пари фалсификувал лиценци е најмалиот проблем – потенцира премиерот, кој не верува дека ова е единствен случај. Според него, вакви случаи се стотици или илјадници.