Всушност, поводот да го подготвам овој напис е да укажам на можноста да се отвори нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) во минатото кога енергијата беше евтина. Кај најголемиот број постојни згради нема топлинска изолација на ѕидовите или таа е недоволна
Д-р Ристо Цицонков,
редовен професор Машински факултет – Скопје
Во минатото, уште во времето на СФРЈ, во Македонија имаше голема градежна оператива, големи градежни претпријатија: „Пелагонија“, „Бетон“, „Гранит“, „Маврово“, „Илинден“ и други. Имаше интензивна изградба во земјата, најмногу во Скопје, но и надвор од Македонија. По осамостојувањето на РМ и економската транзиција, овие фирми ослабнаа, а некои и банкротираа. Но по 1990 година се формираа нови приватни градежни фирми, кои за потребите на својот бизнис прават големи напори за изградба на згради во градот Скопје, особено во централното градско подрачје, но и во општините Карпош и Аеродром. Кај една од улиците каде што често поминувам никнува нова огромна зграда, меѓу бул. Илинден и реката Вардар. Од другата страна зградата е залепена до т.н. „Адреналински парк“ на самиот кеј. Во непосредна близина се веќе изградени уште неколку големи згради последниве две години. Ниту еден граѓанин не го сака ова. Прашањето е како ова поминало на анкета кај граѓаните?
Пред земјотресот (1963 г.), градот Скопје имаше околу 170.000 жители, приближно толку имаше и Љубљана. Денес Скопје има околу 600.000 жители, а Љубљана 280.000 жители. Дали оваа експанзија на градот Скопје е нормална, дали жителите живеат подобро, дали целокупната инфраструктура може да се приспособи на овие промени?
Но притисокот за градење нови згради на атрактивни локации во градот продолжува, а граѓаните во соседството на тие локации не го сакаат тоа. Според мене, владее хаос во оваа сфера. Затоа предлагам сите урбанистички планови да се замрзнат, изградбата на згради на нови локации во Скопје да се стопира, да се направи нова стратегија за градот Скопје, но не за градежен развој, туку за работи важни од повеќе аспекти за животот на скопјани. Доста е со „бетонизација“ на Скопје.
Се разбира, на ваков предлог ќе реагираат градежните фирми, бидејќи тоа ќе ги намали нивнитe профити, а главен изговор ќе биде дека голем број работници ќе останат без работа. Веднаш да кажам дека работа за нив има, но треба добар дел од нивниот бизнис да пренасочат во други сегменти од градежништвото. Нека се вклучат повеќе во инфраструктурни проекти (улици, патишта, мостови, пречистителни станици, колектори…), населби покрај новите индустриски зони, нека градат згради и во други градови во Македонија иако таму профитот е помал. Но има и друг фронт за работа речиси кај сите згради?! Тоа е вградување топлинска (термичка) изолација на зградите (вклучувајќи ги и индивидуалните куќи).
Првин да кажам дека вградувањето топлинска изолација во фасадите на зградите денес не е нова и непозната технологија за градежните фирми. Во РМ има законска регулатива што се однесува на енергетската карактеристика на зградите и е речиси ископирана од постојната директива на Европската Унија (ЕУ). Според тие прописи, постојат минимум барања што треба да бидат исполнети при изградба на новите згради во однос на сите оградувачки површини (ѕидови, таван, под, прозорци и др.). За да бидат исполнети тие барања, мора да се стави топлинска изолација во ѕидовите, таванот и во подот. За да се добие градежна дозвола, меѓу другото, мора да се поднесе и документ за потрошувачката на енергија на зградата (или куќата). Засега тоа е задолжително само при изградба на нови згради.
Всушност, поводот да го подготвам овој напис е да укажам на можноста да се отвори нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) во минатото кога енергијата беше евтина. Кај најголемиот број постојни згради нема топлинска изолација на ѕидовите или таа е недоволна. Во овие зафати треба да се вклучат и да се заменат старите прозорци со прозорци од нова генерација, кои имаат многу подобри термички карактеристики. На тој начин, потребите за греење (и ладење) на просториите во зградите значително ќе се намалат. Со други зборови, се зголемува енергетската ефикасност на зградите, а со тоа се намалува потрошувачката на гориво (дрва, гас, нафта) и на електрична енергија. Тоа е бенефиција и за корисниците на системите за греење и за државата (помал увоз на енергенти и ел. енергија).
На крајот стигнав до суштината на оваа колумна: да штедиме енергија. Овој апел го слушаме секој ден на сите јавни медиуми. Но тоа не е само кај нас, за штедење енергија се зборува во цел свет.
Во блиска иднина планирам да подготвам нов напис што ќе биде посветен подетално на топлинската изолација на објектите.