Пепо Леви на годишнината од депортацијата на македонските Евреи
Со пораки дека сеќавањето е морална должност, а борбата против омразата историска одговорност, вчера кај поранешниот тутунски комбинат Монопол во Скопје беа одбележани 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка. Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во своето обраќање нагласи дека и по 83 години болката и горчината не се намалуваат. Неговиот говор го пренесуваме интегрално.
„Почитуван Претседател на Влада Христијан Мицковски, почитувани министри, почитувани пратеници во Собранието, Почитуван градоначалник, почитувани верски лидери, почитувани претставници на дипломатскиот кор, почитувани членови на Еврејската заедница, драги пријатели… И по 83 години чувството не е поразлично. Повеќе од шест децении, секојпат кога ќе дојдам овде, на овој ден, на ова место, и кога ќе го почувствувам мирисот на тутун впиен во воздухот, ja чувствувам истата празнина, огромна празнина. Горчина. Болка што не старее. Не знам дали некогаш ќе помине. Пред точно 83 години, овде времето запре. Овде исчезна една заедница, 7.144 Евреи исчезнаа во логорот Треблинка. Исчезнаа Калдерон, Леви, Нахмијас, Камхи, Русо, Садикарио, Мизрахи, Фараџи, Алба, Шами. Исчезнаа илјадници наши блиски, наши роднини. Патот кон Треблинка започна овде во Монополот. Во сточните вагони на БДЖ – натоварени како товар, не како луѓе, без достоинство, без милост, без трошка човечност. Ладнокрвноста со која беа организирани овие транспорти останува еден од најстрашните докази за тоа колку брзо државниот апарат на нацистичка Германија преку своите сателити, бугарските окупатори, може да се претвори во совршена машина за смрт. Со печати, со списоци, со точен распоред на поаѓање. Тие возови не однесоа само луѓе. Ја однесоа душата на Скопје, на Битола, на Штип. Зад нив останаа затворени дуќани, недопиени кафиња, недочитани книги, неиспратени писма. Остана тишина што и денес одекнува. Еврејската заедница на овие простори опстојувала уште од римско време. Ги преживеала крстоносните војни. Ја преживеала и Османлиската империја и не само што опстојала – туку и се зголемила, но не успеа да го преживее Холокаустот. Деведесет и осум проценти од еврејската популација во Македонија беше избришана. Тоа е еден од највисоките проценти на уништување во цела окупирана Европа. Суров доказ колку ефикасно може да функционира злото кога ќе му се даде власт, структура и идеологија. По Втората светска војна, во педесеттите, шеесеттите, седумдесеттите години, ниту еден здрав ум не можеше да замисли дека ќе дојде време кога некој ќе се обиде да ја искриви историјата на Холокаустот. А сепак, денес, речиси осум децении по крајот на војната, ние сме сведоци на постојани обиди за глорификација на нацистите и нивните соработници. Се создаваат паралелни наративи. Се брише одговорноста. Како живи наследници изникнати од пепелот на 7.144 спалени евреи од Македонија, во кремакториумите на Треблинка, не смееме да дозволиме заборавот да ги проголта македонските Евреи, да се заборават возовите, да не се споменат списоците. Може да има многу политички мотивирани приказни. Но постои само една историска вистина. Во Меморијалниот простор на музејот Треблинка, каде што пепелта на илјадници луѓе е измешана со земја и каде се поставени камени обележја со имињата на земјите од каде што биле донесени жртвите, меѓу нив и каменот со натпис „Македонија“, денес се оспорува тој камен. Се бара негово преименување или отстранување поради политички спорови и внесесување на дневна политика во масовна гробница. Од тука сакам јасно да подвелечам. Тој камен не е геополитичка формула. Не е дипломатски став. Тоа е историја на македонските Евреи. Тоа е историја на Македонија И затоа токму денес, во овој момент, во Треблинка, делегација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот предводена од Претседателката Гордана Силјановска Давкова полага цвеќе пред тој камен, не како чин на политика туку како чин на почит кон 7.144 животи што таму немаат гроб освен тој камен. Затоа, почитуван премиер Мицковски, почитувано државно раководство, почитувани пратеници, почитувани верски поглавари, почитуван народе македонски, дозволете ми искрено да Ви се заблагодарам, што ни се придруживте на комеморацијата и што со Вашето присуство ја потврдивте посветеноста на Македонија и нејзиниот народ кон зачувување на историската вистина и културата на сеќавање. Вашето присуство не е само формален чин – тоа е порака дека Македонија не ги заборава своите сограѓани и дека градот ја носи својата историја со достоинство. Денес, одбележувајки го најтрагичниот ден во историјата на македонските евреи, стоиме исправени и сплотени во многу тежок период, период во кој израелскиот народ се бори за својата егзистенција. Се бори против децениското зло, изворот и поддржувачот на светскиот тероризам. Истото тоа зло исполнето со омраза кое доведе до истребување на една третина на народ, само затоа што беа Евреи, кои сакаат да си ја негуваат својата вера, традиција и култура. Нека споменот на 7.144 жртви биде вечна опомена на налудничавите идеи за уништување на еден народ. Нека споменот на 7.144 Евреи биде залог за подобра и поубава иднина на македонскиот народ. Безумните војни нека престанат, нека престанат да гинат недолжните жени и деца во остварување на безумните идеи. Нека им е вечен споменот! Слава им!“.







































