УШТЕ ДВЕ ЗЕМЈИ ОД НАШЕТО ПОБЛИСКО ОПКРУЖУВАЊЕ ПОМЕЃУ ВОЈНАТА И МИРОТ

Експертите во Македонија со кои се консултиравме велат оти засега нема простор за стравување од ново воено жариште. Но дури и да се случи тоа, експертите смируваат дека нема да претставува безбедносна закана за Македонија. Од друга страна, економијата, пак, за која многумина мислат дека го допрела дното, според нив, би можела да потоне уште подлабоко во спиралата на кризата, со евентуална дополнителна дестабилизација во двете земји од редот на поголемите македонски трговски партнери

Додека некои светски и регионални аналитичари шпекулираат со можноста дека зачестените реторички напади на турскиот претседател Реџеп Ердоган врз Грција би можеле да прераснат и во оружени, експертите во Македонија велат оти засега нема простор за стравување од ново воено жариште и дека, дури и да се случи тоа, нема да претставува безбедносна закана за Македонија. Но економијата, пак, за која многумина мислат дека го допрела дното, според нив, би можела да потоне уште подлабоко во спиралата на кризата, со евентуална дополнителна дестабилизација во двете земји од редот на поголемите македонски трговски партнери.

Воен судир е малку веројатен, но лошите релации меѓу Турција и Грција ќе се одразат на економијата

Мошне критичниот момент за натамошниот развој на војната во Украина, нарушените геополитички односи и големото незадоволство од алармантно лошата економска состојба во Турција, каде што Ердоган има амбиција да го продолжи своето дводецениско претседателствување, се споменуваат како главни фактори што укажуваат дека би можеле да се остварат и поцрни сценарија. Исти стравувања, според медиумските објави, се присутни и кај голем дел од Грците, кои секојдневно пријавуваат прелети на турските борбени авиони. Но како се анализира сето тоа од македонска перспектива? Какви се процените дека сето тоа може да се развие во реален воен судир, а како се цени импактот врз Македонија на економски план, со оглед на близината на Грција и Турција и трговската размена на нашата земја со нив?
– Тешко дека ситуацијата би можела да ескалира, иако, како што видовме, ништо веќе не е невозможно. Не случајно и Грција го подигна нивото на борбена готовност. Тоа што и двете земји се членки на НАТО воопшто не е гаранција дека меѓу нив не би можело да дојде до посериозни судири. Иако тоа би значело голем неред за самото НАТО, не би имало некакво влијание врз нашата безбедност, но секако би било катастрофално за економијата – објасни универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД, Методи Хаџи-Јанев.

И професорот од Катедрата за економија на Правниот факултет при УКИМ, Ванчо Узунов дава слична прогноза во однос на можна ескалација на судирот. А во однос на последиците врз Македонија, доколку сепак се случи тоа, најмногу е загрижен за економијата.

– Некои само мислат дека сме го допреле дното со ситуацијата во економијата, но морам да кажам оти таков конфликт, помеѓу две членки на НАТО од нашето блиско опкружување, навистина би нѐ уништил економски – смета Узунов.
Со тоа е согласен и професорот по економија од Универзитетот на Југоисточна Европа, Мирољуб Шукаров.

– Тоа би било катастрофално, особено сега, во услови кога сите неповолни фактори за економијата се активирани и кога имаме ситуација досега невидена во светот. Ние, и без тоа, веќе извесен период имаме воена економија и властите веројатно би требало во своите економски проекции конечно да ги вклучат и луѓето што се занимаваат со кризен менаџмент. Вака, со нашите состојби и со сите овие глобални случувања, може да биде само полошо – вели тој.

Иако многумина веруваат дека најновата епизода во повеќедецениската „војна“ помеѓу Турција и Грција е само дел од предизборната кампања на Ердоган, кој наскоро повторно треба да излезе на избори, или од притисокот што го врши врз сојузниците од НАТО за да го спречи неговото ширење низ скандинавските и источноевропските земји и дека нема да ескалира во оружен конфликт, сепак многу од невозможните нешта, кои во изминатиов период станаа можни, не им остава простор категорично да тврдат оти и во Медитеранот нема да избие оружен судир.

Ниту Турција ниту Грција немаат „воздржувачки фактори“?!

За можно преземање уште една „специјална операција“ на другиот крај од континентот се размислува во целиот регион.
– Турција има долга историја на намерни ескалации со Грција и тие имаат цел да го заплашат противникот и да ја демонстрираат сопствената моќ. Од една страна, тоа се само зборови. Но најопасниот момент во сето тоа е што ниту Турција ниту Грција фактички немаат воздржувачки фактори. Нивното членување во НАТО и членството на Грција во ЕУ кај ниту една од нив не подразбира потреба да се коригираат – објасни хрватскиот експерт за надворешна политика Бранимир Видмаровиќ за тамошните медиуми.

Таквиот заклучок тој го дополнува со потсетување дека во изминативе 65 години често биле разменувани истрели од огнено оружје помеѓу двете земји и дека тоа што двете се членки на НАТО не ги спречило во сериозните пресметки и провокации.
– Тоа е она што предупредува, односно индицира дека, ако нештата се заплеткаат, тогаш навистина би можело да има пукање и одговор од грчка страна. Но тоа не би требало да прерасне во поголем конфликт, зашто и контекстуално тој е поинаков од украинскиот – заклучува Видмаровиќ.

А како што пред малку повеќе време, коментирајќи ги турско-грчките односи, објасни германскиот експерт за Блискиот Исток, Штефан Рол, во тој регион никогаш не се знае ништо доверливо.

– Тоа може да се случи и сосема случајно. На некое место може да има истрели и инцидентот да добие замав. Но никој не е заинтересиран сериозно да дојде до таков развој на настаните – оцени тој.
Инаку, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатата недела ги повика Грција и Турција да ги решат нивните разлики во Егејско Море во духот на довербата и сојузничката солидарност, откако Ердоган, обвинувајќи ја Грција за милитаризација на пограничните острови, упати остро предупредување.
– Таквите постапки може да имаат катастрофални последици. Воопшто не се шегувам – изјави Ердоган.

Дека најновите искричења во повеќедеценискиот судир помеѓу двете држави не би требало тукутака да се занемарат покажува и состојбата во неодамна објавениот Глобален индекс на мир, кој е оценет како најнизок во изминативе 14 години.
Глобалниот индекс на мирот ја следи состојбата во 163 земји, кои сочинуваат 99,7 отсто од светското население, а од 2008 година, врз основа на собраните податоци, го анализира степенот на насилство или страв од насилство во светот.

Иако за последниот годишен извештај се користени податоци собрани до крајот на март, тој веќе го покажува големото влијание на рускиот напад врз Украина врз чувството на безбедност кај луѓето, особено во комбинација со други ризици. Индикативно, притоа, е што Грција во него е пласирана на 53-то место, зад речиси сите земји од овој регион, а Турција, како единствената земја од Европа, е на втората половина од листата, дури на 145-то место.

– Пресвртница за голем број показатели беше 31 март, така што следната година очекуваме значително влошување (во мирољубивоста) во голем број земји – прецизира Стив Килелеа, основач на Институтот за економија и мир (ИЕП) во Сиднеј, кој го подготвува извештајот. Д.М.М.