Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамки на официјалната посета на Хрватска, денеска во Загреб оствари средба со премиерот Андреј Пленковиќ.
На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и континуиран политички дијалог, како и на конструктивна соработка во повеќе области од заеднички интерес, стои во соопштението од кабинетот на Силјановска Давкова.

Претседателката истакна дека нов поттик за продлабочување на соработката претставува иницијативата на македонската влада за склучување договор за стратешка соработка со хрватската влада, што го оцени како доказ за искреното пријателство меѓу двете држави.
Таа изрази благодарност за континуираната и силна поддршка од Хрватска за македонскиот евроинтеграциски процес и го поздрави ставот за потребата од забрзано проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, врз основа на исполнување на Копенхашките критериуми.

































