Почина родилката која пред десетина дена се фрли од скопска гинекологија откако претходно се породи со своето прво бебе.
39 годишната жена починала вчера околу 21 часот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) каде, со тешки повреди, беше преместена по падот од Клиниката за гинкологија.
Бебето на родилката било пуштено дома и било во домот на семејството.
Веднаш по инцидентот на Клиниката за гинекологија (ГАК) беше пратен вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој покажал дека постојат пропусти во делот на прегледите кои биле побарани за родилката.
Жената беше донесена на ГАК во 36 недела од бременоста. По породувањето со царски рез, мајката и бебето биле во добра здравствена состојба. Детето на родилката ѝ било прво и станувало збор за посакувана бременост.
Пациентката, два дена по породувањето, на медицинскиот персонал во дневна смена од одделот за родилки – Пуерпериум се пожалила на лесна вознемиреност. Според сите протоколи, таа веднаш била видена од психолог и не било нотирано дека пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид. Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден бил креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред исписот од Клиниката.
Според ГАК таа имала само знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше пропуст што на 39-годишната жена докрај не ѝ била обезбедена психолошка поддршка пред да скокне од прозорецот на Гинекологија.