Нѐ направивте горди со помошта која ја дадовте, се заблагодари претседателот Стево Пендаровски на припадниците на македонската Армија, која помагаше во Турција, по разорните земјотреси. Пендаровски посочи дека турскиот народ е благодарен за помошта, а за припадниците на АРМ немало никаква забелешка.
-Нашата Армија беше во првите пет кои стигнаа на лице место, 24 часа по земјотресот. Вашето пристигнувања на лице место беше, залагањето 24/7, сите вие, сосе службените кучиња беше нешто што само може да се посака секогаш кога вежбате, тренирате за лошо и арно. Не постои никаква замерка, ниту од локалното население, ниту од другите. Како членка на НАТО мора да се фокусираме на следната фаза а тоа е помош на оние кои преживеаа – кажа Пендаровски.
Претседателот додаде: „Тука не само Армијата туку и Владата, претседателот, ќе мора да помагаме за сите луѓе да имаат покрив на главата, јадење, сместување. Станува збор за трагедија со пропорции кои надминуваат се. Македонскиот народ и помогна на Турција, не бидејќи сме членки на НАТО, туку бидејќи пријателството трае векови наназад и ќе трае векови нанапред. Сакам да убедам дека сме помагале и ќе помагаме“.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се заблагодари на македонската Армија за пожртвуваноста и помошта која ја пружиле на турскиот народ. Кажа дека сите војници ќе добијат по уште една просечна плата, покрај редовната, во знак на благодарност.
-Одлучивме дека треба да ги испратиме најобучените за справување со ваква тешка задача, извлекување на она што можеше да се спаси. Ви благодариме што го спасивте малиот Сулејман и му дадовте шанса. Одлучивме дополнително и покрај се што правиме, да ве наградиме и со дополнителна исплата на една просечна плата. Знам дека тоа не ви е достигнување и она што го имате во срцата не се купува. И затоа во секоја наредна мисија нѐ правите се поголеми – кажа Петровска.
Таа им честиташе за напорот кој го вложија.