Не се откажувајте! – порача Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП и довчерашен германски министер за Европа.
Тој денеска во Берлин се сретна со вицепремиерот Никола Димитров, при што упати порака за долгоочекуваниот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што е попречен поради бугарското вето.
„Не се откажувајте! Не се откажувајте и мојата порака до моите истакнати пријатели во Брисел и низ целата Европска Унија е – да ги одржиме нашите ветувања. Мораме да испорачаме“, рече Рот.
Тој изрази благодарност до Македонците. Истакна дека има многу пријатели во регионот на Западен Балкан и особено во Македонија.
„Вашиот народ го заслужува најдоброто, а тоа е ЕУ перспектива. Новата влада останува посветена на тоа, трите партии кои ја формираа новата влада остануваат посветени и многу работиме на изнаоѓање мудро решение за да се надминат билатералните спорови. Луѓето во Северна Македонија постигнаа многу и знам дека е долг и трнлив пат, но на крајот вреди. Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет, стабилност, мир, регионално помирување и владеење на правото и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства. Ви посакувам сé најдобро и многу ви благодарам за одличната соработка со мојот пријател Никола и со многу други, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор“, изјави Рот.
Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за дејствувањето на Рот од неговата позиција за отворање на пристапни преговори со Македонија во светло на заедничката кауза за обединета Европа.