Фото: Архива
Мутавчејн претставува апликација базирана на методологијата РАГ (Retrieval-Augmented Generation), специјално наменета за одговарање прашања поврзани со Галичник
Долгото лето исполнето со многу културни активности во Галичник ќе заврши со еден несекојдневен настан, кој ќе се случи в сабота во 20 часот, пред амфитеатарот на Упија. Станува збор за промоција на бесплатната апликација Мутавчејн наменета за дигитализација и споделување на постојните податоци и информации во форма на знаење кон пошироката јавност.
Иницијативата за изработка доаѓа од тимот на „Карбула“ (karbula.org), кој веќе подолго време работи на современи комерцијални решенија за проблеми што се решаваат со помош на вештачка интелигенција. Во овој случај, неколку поединци го ставија сето  стекнато високотехнолошко искуство во полза на заедницата, изработувајќи надежна апликација што во иднина лесно ќе може да се надградува и што секој ќе може да ја употребува. Решението отвора можности за употреба и во други домени што не се врзани само за Галичник, како на пример, поопшто зачувување и достапност на културното и историското наследство на ниво на Македонија, па и пошироко.
Мутавчејн претставува апликација базирана на методологијата РАГ (Retrieval-Augmented Generation), специјално наменета за одговарање прашања поврзани со Галичник. Целта на проектот е да се централизира целото расположливо знаење за Галичник – документи, статии, извештаи, книги и други текстуални извори – и со тоа да се олесни пристапот до информации (особено до оние што не се поставени на интернет), да се намали времето за пребарување и да се спречи заборавање или губење вредни податоци.
На прашањето какви услови се потребни за да се употреби Мутавчејн, од „Карбула“ велат дека едноставно треба да се посети интернет-страницата www.mutavcha.in, да се прочитаат правилата за употреба и да се почне со поставување прашања во врска со Галичник. Пожелно е прашањата да се поставуваат на македонски, но може и на кој било друг јазик, со тоа што Мутавчејн секогаш се труди да одговори на македонски.
– Поради предизвикот за зачувувањето на галичкиот говор како дел од мијачкиот дијалект, кој постепено изумира, Мутавчејн се обидува делови од одговорите да ги даде токму на галички. Тоа претставуваше исто така и имплементациски предизвик бидејќи беше избегнато скапото тренирање на големи јазични модели, што обично е потребно при случаите на учење нов јазик. На тој начин со Мутавчејн се отвора нова можност за споделување заборавено, па дури и генерирање ново знаење, како и истражување на темите поврзани со Галичник – велат од тимот на „Карбула“.
Од објаснувањата што ги добивме од „Карбула“, јасно е дека станува збор за важен момент во историјата на Галичник, но и дека решението ги надминува границите на наменетата употреба. Настанот е отворен за јавноста, а организаторите упатуваат топла покана до сите заинтересирани да присуствуваат и да бидат дел од дискусијата на оваа промоција. Н.М.