Фото: МИА

Сите реформски чекори од Реформската агенда на Владата 2024-2027, која се однесува на Планот за раст на Европската Комисија, со краен рок декември се испратени до Комисијата и таа има рок од 90 работни дена да утврди дали реформите се успешно имплементирани, додека сите реформски чекори со рок јуни 2025 година се следат и координираат на дневна основа, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, по отворањето на Тркалезаната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан.

Целиот овој процес, посочи Муртезани, не само за нас и за Европската Комисија е нов и допрва се учи.

– За сите реформски чекори коишто нема да се завршат навреме, има период од 12 месеци грејс период токму заради оваа причина – посочи Муртезани.

Прашан кој сегмент од Реформската агенда преставува предизвик за исполнување во предвидениот рок, Муртезани, рече дека засега нема точни индикации каде би се доцнело, но дека динамиката за одредени закони може да се забрза.

– За сите реформски чекори со рок, јуни 2025 вчера имав тематска седница на Влада, и јас како министер и Министерство за европски прашања на дневна основа го следиме и го координираме. Засега нема точни индикации каде би се доспело, меѓутоа динамиката за одредени закони може да се дополнително забрза за да влезе во предвидените рокови – посочи Муртезани.

Прашан кои се тие закони и дали станува збор за законите поврзани со реформи во судството, Муртезани, рече дека не станува збор за доцнење, туку дека е потребно повеќе време за самите процеси.

– Во духот на вчерашните разговори во Собранието, реформите таму бараат поголем општествен консензус, а тоа значи поголемо време за да се усогласат. Тоа не значи дека се доцни заради недоволна координација, туку тие процеси по природа апсорбираат повеќе време – изјави Муртезани.

Тркалезната маса што денеска се одржа во Владата, посочи Муртезани, се организира во насока на претставување на Реформската агенда пред невладиниот сектор.

– На овој начин градиме партнерства со невладиниот сектор во процесот на имплементација на Планот за раст и Реформската агенда и со јавноста, бидејќи сметаме дека придобивките коишто директно државата и нашите граѓани ги имаат од Реформската агенда и Планот за раст не се доволно објаснети, и не се доволно јасни за граѓаните, затоа ваквиот начин на градење на партнертства со невладиниот сектор и со сите други заинтересирани страни и во иднина ќе продолжи – изјави Муртезани.

Тој, исто така, посочи дека останува целосно отворен и посветен за секаква соработка која што ќе значи поголема информираност и поголема корист за граѓаните.