Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествувал на Амбасадорската конференција #Diplo2025, што се одржува во Тирана, Албанија, каде во рамки на првиот ден од Конференцијата бил говорник на панелот на тема „Албанците во регионот – заеднички идентитет, заедничка европска цел“.
Во своето обраќање, како што соопштија од Министерството за европски прашања, министерот Муртезани нагласил дека патот кон Европската Унија за земјите од Западен Балкан претставува избор на вредности и заедничка иднина, а не само технички процес. Тој истакнал дека Македонија останува цврсто посветена на европската агенда преку спроведување суштински реформи поддржани со Инструментот за претпристапна помош и Инструментот за реформи и раст во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
Министерот, се посочува, потсетил на значењето на Охридскиот договор од 2001 година, кој ја претвори Македонија во функционална мултиетничка демократија и овозможи активна политичка и институционална улога на Албанците во државата. Овој модел, како што подвлекол, е доказ дека различноста претставува сила која ја зајакнува стабилноста и е вредност што се поклопува со европските стандарди.
Муртезани се осврнал и на потребата од натамошна регионална поврзаност преку заеднички инфраструктурни и културни проекти. Тој го посочил Коридорот 8 како симбол на интеграција и европска поврзаност, кој истовремено ја олеснува трговијата и ја зајакнува соработката меѓу државите од регионот. Во тој контекст, тој ја истакнал важноста и на културните и образовните размени кои придонесуваат за создавање на заеднички европски идентитет.
Во своите пораки, министерот Муртезани нагласил дека албанските заедници низ регионот имаат улога на природни мостови за дијалог и разбирање, кои придонесуваат за добрососедски односи; еден од клучните критериуми за членство во Унијата. Тој истакна дека Албанците во регионот отсекогаш биле активни во градењето институции, јакнењето на социјалната кохезија и унапредувањето на владеењето на правото, како и во борбата против корупцијата, што претставува клучна вредност и европска и општествена.
Завршувајќи го своето обраќање, министерот Муртезани се повика на зборовите на писателот Исмаил Кадаре „Европа е нашата куќа и ние немаме друга“, подвлекувајќи дека оваа порака е потврда на заедничката определба за европска иднина на целиот регион.