Фото: МИА

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани го повтори ставот на Владата во контекст на евроинтеграциите дека останува на предлогот за уставни измени со одложена примена и дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања.

-Јасно е дека нема начин како да се избегнат уставните измени, меѓутоа наша одговорност е тие уставни измени да бидат последниот билатерален услов. За нас нема проблем ако сите земји членки имаат дополнителни барања, меѓутоа тие да бидат во склоп на реформите и европските стандарди, а да не бидат претворени во блокади и да не содржат билатерални прашања – вели Муртезани прашан за пораките испратени од претседателот на ЕС Антонио Кошта и премиерот за време на нивната заедничка прес-конференција во Скопје.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за време на посетата на Скопје на заедничката прес конференција со премиерот Христијан Мицкоски, порача дека ЕУ очекува земјава да го исполни договореното за отпочнување на преговорите за членство во Унијата.

Прашан дали се работи на друг предлог, освен тој за уставните измени со одложено дејство, тој посочи дека власта инсистира на тоа да нема натамошна билатерализација на пристапниот процес и потсети на изјавата на Мицкоски дека е подготвен за разговори.

-За тоа да се случи неопходно е прво да и веруваме на ЕУ, и да почнеме да градиме меѓусебна доверба со Бугарите – вели Муртезани.

Прашан до каде се постапките околу усвојувањето на новите закони предвидени со реформската агенда за кои краен рок е јуни, министерот за европски прашања кажа дека од предвидените 16 чекори, за поголемиот дел не се очекува доцнење.

-Од сите 16 чекори, што се однесува до законите, за поголемиот дел не се очекува да има доцнење. Законот за енергетика веќе е поминат во Собрание, има многу закони во меѓуресорска ко султација, во јавна расправа, некои закони многу скоро треба да поминат владина процедура и да влезат во Собранието. Тоа што засега се знае е дека новиот изборен законик нема да може да влезе во предвидениот рок бидејќи сите препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР се пред избори да не се прават измени на законот за да не се создаде конфузија. И не сме сигурни дали ќе стигнеме законот за Судски совет да влезе во рамките на овие рокови. Меѓутоа овие два чекори по природа се покомплицирани, бараат поширок општествен и политички консензус како и повеќе време. Ништо не е страшно ако одредени реформи не може да се имплементираат во предвидениот рок, стапува во сила грес период од 12 месеци кога сигурно ќе имаме можност да ги завршиме сите – кажа Муртезани.

Инаку во однос на искористеноста на средствата од Инстументот за раст, односно од Планот за раст и Реформската агенда, тој посочи дека нема можност за нивна блокада, а државата веќе доби, прва од земјите од Западен Балкан, 52 милиони евра како предфинансирање.

-Досега како држава сме го добиле само предфинансирањето во износ од 52 милиони евра за реформите со краен рок февруари 2025. На 15 март е испратено барањето за ослободување на 17 милиони евра како награда за спроведените реформи. За тој извештај ЕК има на располагање 90 работни дена и на крај на јули треба да добиеме одговор. Инаку, од 750 милиони евра за три години структурата на финансирање е дел грантови, дел заеми за буџетска поддршка и дел заеми за инвестициони проекти. Сите тие средства што не одат како буџетска поддршка ќе се користат за финансирање на спосокот на 19 проекти кои во моментов чека на одобрување од ЕК. Во првиот момент кога од ЕК ќе добиеме финален документ истиот ќе се стави на увид на јавноста и ќе може да се види каде ќе се искористат тие средства – рече Муртезани.