Фото:МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска се обратил на Сегментот на високо ниво на 58-та сесија на Советот за човекови права (СЧП) на Обединетите нации во Женева, каде што истакнал дека заштитата и промоцијата на човековите права се темел на нашата надворешна политика.

Во своето обраќање, како што соопшти Министерството, Муцунски посочил дека Советот за човекови права е најзначајниот форум за справување со предизвиците кои го попречуваат остварувањето и заштитата на основните човекови права и слободи ширум светот. Тој нагласил дека почитувањето на демократските принципи, човековите права, човечкото достоинство и владеењето на правото се универзални вредности што мора да бидат почитувани од сите. Истовремено, ја потврдил посветеноста на државата кон постигнување на највисоките стандарди за заштита на човековите права и нивна доследна имплементација на национално ниво.

-Промоцијата и заштитата на човековите права, како и посветеноста кон јакнење на мултилатералната соработка за нивно почитување и заштита, се темел на надворешната политика на нашата држава. Остануваме посветени на заштитата на човековите права и слободи, со посебен фокус на правата на жените и децата, заштитата на лицата со попреченост, како и борбата против сите облици на дискриминација и спречување на нивните нарушувања – истакнал Муцунски.

Тој додал дека  Македонија, како членка на Советот за човекови права во периодот 2025-2027 година, ќе остане цврсто посветена на заштитата на човековите права и на соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде тие се случуваат.

-Како член на Советот, остануваме посветени на заштитата на човековите права и соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде се случуваат – нагласил Муцунски, додавајќи дека Советот за човекови права останува клучна платформа за дискусија и справување со предизвиците што го доведуваат во прашање уживањето на човековите права и слободи на глобално ниво.

-Ова е можност што не смееме да ја пропуштиме, доколку сакаме поефикасно и одговорно дејствување за Агендата за човекови права- заклучил Муцунски во обраќањето.

На Високиот сегмент на 58-та сесија на Советот за човекови права, кој ќе трае од 24 февруари до 4 април, учествуваат шефови на влади и држави, како и министри за надворешни работи. Главната цел на сесијата е реафирмирање на важноста на работата на Советот и неговите механизми за целосно справување со предизвиците што влијаат врз уживањето на човековите права и слободи