Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денеска во Анталија, Турција, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Состанокот, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се одржа во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг и претставуваше значаен аспект од консултативниот процес меѓу сојузниците за дефинирање на клучните елементи и приоритети во врска со прашањата што ќе бидат на дневен ред на самитот во јуни оваа година.
-Во рамки на дискусијата, министрите ги истакнаа своите ставови за приоритетите по кои земјите членки на НАТО треба да изградат заеднички позиции: јакнење на капацитетите за одвраќање и одбрана, зголемување на одбранбените инвестиции, продолжување на поддршката за Украина и зацврстување на соработката со стратешките партнери и организации на Алијансата – се наведува во соопштението.
Министерот Муцунски ги пренел приоритетните ставови на нашата земја, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на солидарноста, единството и координираното дејствување во справување со заедничките закани и предизвици. Тој го подвлекол придонесот на државата како стабилен и конструктивен сојузник, кој вложува континуирани напори за модернизација на сопствените капацитети и придонесува кон регионалната и колективната безбедност.
Во оваа насока, министерот го посочил интересот за адресирање на важноста на Западниот Балкан на Самитот во Хаг, како регион од стратешко значење за НАТО и ЕУ, потенцирајќи дека регионот мора да остане високо на агендата на двете организации, со цел зачувување на стабилноста и обезбедување натамошен просперитет како дел од европските и евроатлантските структури.
Неформалниот состанок, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, е дел од подготовките за самитот на лидерите на Алијансата, каде што ќе се дефинираат следните клучни чекори за јакнење на НАТО како одговор на заедничките безбедносни предизвици.