Фото: Тимчо Муцунски/Официјален фејсбук профил

Ако имаше посериозен и искрен ангажман во заштитата на македонските национални интереси од страна на претходната влада, денес немаше да бидеме во оваа позиција во којашто сме. Затоа што Европската Унија и земјите членки имаат чувство на одговорност за тоа што во континуитет се прави кон нас во последните 30 години, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за МКД.мк.

– Сепак, ние постапуваме принципиелно и сето што сме го ветиле во нашата програма, го реализираме. Не велиме дека ќе биде лесно, но веруваме дека може да се најде рационално решение кое ќе биде прифатливо за нас – вели тој.

На темата околу билатерализација на процесот на проширување, министерот нагласува дека сѐ поотворено се зборува во ЕУ за негативните последици од оваа практика и додава дека сигурноста на процесот на проширување е клучна. Во однос на предизвиците со Бугарија, Муцунски посочува дека дијалогот ќе продолжи со добра волја за изнаоѓање на компромисно решение кое ќе обезбеди предвидливост во нашиот пат кон ЕУ.

– Ако се врзуваме со рокови, ќе ги нарушиме нашите позиции. Но тоа не значи дека овој процес треба да трае во недоглед. Треба најбрзо што можеме да го продолжиме дијалогот, кој постои на различни нивоа. Тој дијалог никогаш и не е запрен. Треба да најдеме решение затоа што забавувањето на процесот на проширување нам не ни одговара, ниту пак им одговара на земјите членки на ЕУ, а најмалку му одговара на целиот регион, земајќи ја предвид комплексноста што постои во него – вели Муцунски.

Во однос на евроскептицизмот, вели дека постои разочарување кај голем дел од нашите граѓани за односот на ЕУ кон процесот на проширување.

– Мојата перцепција, а тоа се рефлектира и во анкетите на јавното мислење, е дека постои разочарување кај голем дел од нашите граѓани за односот на ЕУ кон процесот на проширување и кон сите неправди. Но истовремено огромно мнозинство од граѓаните сметаат дека стратегискиот приоритет треба да ни биде пристапувањето кон ЕУ. Односно, да ја упростиме таа равенка – иако граѓаните се разочарани и имаат право да бидат разочарани од ЕУ, сѐ уште во огромно мнозинство сметаат дека европската иднина е најдоброто нешто за нашата држава – нагласува Муцунски.

Муцунски истакнува и дека претходната влада добила јасна „рецензија“ од граѓаните на изборите, додека актуелната влада е фокусирана на поставување здрави темели за функционирање на институциите.

– По 15 години подготвивме Предлог-измени на Законот за надворешни работи, презедовме конкретни чекори за професионализација на нашата дипломатска служба. Се решаваат многу тековни проблеми што постоеле во институцијата, кои претходните министри не се нафаќале да ги решаваат затоа што немаат толкава ПР-вредност за нив и бараат одредени компромиси со политиката – истакнува тој во интервјуто за МКД.мк.