Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Подготвени сме да прифатиме уставни измени, со одложна примена, обезбедувајќи на тој начин гаранција за нас како држава, дека нема да има дополнителни нови условувања од Бугарија на билатерална основа на нашиот пат кон Европската Унија, изјави вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Во однос на обвинувањата од Бугарија дека не се почитуваат правата на граѓаните со бугарска самосвест, Муцунски вели дека во однос на почитувањето на меѓуетничките односи сме пример од држава, а во почитувањето на човековите и малцинските права дури и одиме надвор од рамките на европските стандарди, велејќи дека не е легитимен и праведен аргументот од бугарска страна дека не ги почитуваме правата на Бугарите во земјава.

-Во рамките и на нашата програма за која гласаа стотици илјади граѓани, го презентиравме јавно концептот на одложни измени на нашиот Устав. Тоа е модел што и неколку пати сме го инкорпорирале и во нашиот домашен уставно-правен поредок. И ние велиме – може да се вметнат Бугарите како етничност во нашиот Устав, заедно со Хрватите, Црногорците…, но тоа да има одложна примена, до пред да се ратификуваат протоколите за членство на земјата во ЕУ. Тоа е за да имаме гаранција дека во тој период ќе бидеме оценувани единствено по објективни и мерливи критериуми – изјави Муцунски вечерва во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Според него, легитимитетот на ЕУ ќе се наруши ако ние ги усвоиме уставните измени, а Бугарија после тоа да стави ново вето.

-Како тоа ќе изгледа за легитимитетот на ЕУ дома, пред нашите граѓани, и како ќе изгледа за легитимитетот за процесот на европска интеграција во целиот регион, каде што и така паѓа довербата кон Унијата. Јас сум проевропски настроен, не бидејќи верувам на некои бирократии, но бидејќи верувам дека тоа е најдобриот пат за земјата во којашто живееме. Ова вака го објаснуваме на сите партнери со коишто зборуваме. Велиме – подготвени сме да прифатиме уставни измени, со одложна примена, така обезбедувајќи гаранција за нас како држава, дека нема да има дополнителни нови условувања од Бугарија на билатерална основа – дециден е Муцунски.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер Димитар Главчев, дека нема да има промена во позицијата на Бугарија, и дека сите во ЕУ стојат зад заклучоците на Советот на ЕУ донесени во јули 2022, Муцунски вели „со максимална почит кон него, тој е технички премиер и нема политички легитимитет и мандат да носи ваков тип на одлука“.

-Првото што треба да го почекаме е да се формира политичка влада кај нашиот сосед, но некогаш времето може да биде и во наш интерес. Ако ме прашувате за ставот на соговорниците со кои разговарав, не би цитирал никој поединечно, но би рекол дека има едно размислување дека има логичност во тоа што го кажуваме и дека ја заштитуваме и самата ЕУ со овој модел. Никој не може да ни гарантира дека другата страна ќе го прифати тоа, но јас верувам и во разумноста на бугарската страна, којашто исто како и случајот со Грција треба да посакува земјата нејзин сосед да напредува кон патот кон ЕУ – посочи Муцунски.

Тој потсети дека ставот на Владата е принципиелен и не излегува надвор од Преговарачката рамка.

-Тоа што го имам анализирано не само јас, туку и луѓе кои по однос на прашањето на Преговарачката рамка ги сметам и за покомпетентни од мене, не излегува надвор од Преговарачката рамка, и е решение коешто може да донесе позитивно придвижување, а за нашите граѓани и за нас како држава да обзбеди предвидливост кон патот кон ЕУ – оцени министерот.

За него е разбирливо ставање вето, доколку државава не напредува во реформите, но е неприфарливо вето без кредибилни аргументи.

-На пример утре доколку Холандија ни стави вето поради недостиг во реформи во делот на владеење на правото, ние тоа може да го разбереме, ако навистина не постигнуваме реформи, но да ни се каже дека не напредуваме кон ЕУ бидејќи не се инкорпорирани 900, 2000, максимум 3000 луѓе коишто се препознаваат како припадници на бугарската етничка заедница во државата, а притоа да не се даде ниту еден кредибилен аргуимент за повреда на нивните права во оваа иста држава, и тоа да ви го кажува земја против која има над 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, токму за повредата на правата на Македонците кои живеат на територија на Бугарија, за мене како министер, а исто така и за претседателот на Владата, е неприфатлива теза и неприфатлив аргумент – заклучи Муцунски.