Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска остварил телефонски разговор со својот бугарски колега, министерот за надворешни работи, Георг Георгиев.

Министерот Георгиев, како што се наведува во соопштението, го информирал, министерот Муцунски за одлуката донесена од страна на бугарското Собрание, која се однесува на напредокот на земјава во процесот на пристапување во Европската унија.

Во разговорот, министерот Муцунски ги повторил принципиелните позиции на нашата земја поврзани со процесот на евроинтеграција. Притоа, ја нагласил подготвеноста на државата за натамошно унапредување на соработката со Бугарија во насока на градење поголема меѓусебна доверба, во интерес на граѓаните.

-За таа цел, подготвени сме да продолжиме со активен придонес во градењето доверба заснована на принципиелност и заемно почитување. Како соседи и НАТО-сојузници, двете земји имаат заедничка обврска, ориентирани кон иднината, да продолжат да развиваат односи засновани на европски принципи – нагласил Муцунски.

Во таа насока министерот Муцунски уште еднаш ја потенцирал нашата посветеност на европскиот пат, кој, како што посочил, не треба да биде обременет со билатерални прашања.

-Владата посветено работи на реформската агенда и на исполнување на Копенхашките критериуми, кои треба да бидат единствен услов за членство на земјата во Европската унија – додал Муцунски.