Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека партнерството со Соединетите Американски Држави е стратешко и од клучно значење за државата, пренесе МИА.
Во гостување во емисијата „Топ Тема“, Муцунски најави дека на 7 април Северна Македонија ќе одржи сесија на Стратешкиот дијалог во Вашингтон. Делегацијата ќе ја предводи тој, а ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи, одбрана, дигитална трансформација и енергетика.
-Ќе бидеме прва земја во Европа која во рамки на оваа администрација ќе има сесија на стратешки дијалог во Вашингтон – потенцира министерот.
Муцунски изрази очекување дека дијалогот ќе отвори сериозни разговори за одбраната и безбедноста, трговската и економската соработка, како и дека ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните.

































