Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Брисел оствари средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос, на која беа разгледани клучните аспекти од пристапниот процес на државата кон Европската Унија, пренесе МИА.
Во фокусот на разговорите биле реформската агенда, спроведувањето на Планот за раст и тековните активности за забрзување на евроинтеграциите. Муцунски ја истакнал целосната посветеност на Владата кон исполнување на обврските и постигнување конкретен напредок во процесот.
На средбата бил поздравен напредокот во иницијативи што носат директни придобивки за граѓаните и економијата, меѓу кои пристапувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА) и усогласувањето со правилата за роаминг на ЕУ.
Соговорниците разговарале и за пошироката секторска соработка, со акцент на економската интеграција и регионалната поврзаност.
Претходно, Муцунски одржал брифинг со претставници на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на ЕУ, каде ја потврдил заложбата за продолжување на реформите и усогласување со европските стандарди. Тој нагласил дека е потребен јасен, предвидлив и на заслуги заснован пристапен процес, како заеднички интерес и за земјите кандидати и за членките на Унијата.
































