Фото: Тимчо Муцунски/Официјален фејсбук профил

Според најновиот извештај на „Фајненшл тајмс“ нашата земја е рангирана меѓу првите во Европа и шестта во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на Бруто домашен производ. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Овој индекс, посочи Муцунски на прес-конференција во Влада, не ја наградува големината туку напорот и довербата, нагласувајќи дека не е случајност, бидејќи испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер, градиме предвидливост, ние сме кредибилна членка на НАТО и се поврзуваме со европските коридори.

-Тој покажува дека привлекуваме повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нашата економска тежина. Дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија. Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните. Тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане – изјави Муцунски.

Како пример за ваквата динамика, Муцунски ги посочи енергетските проекти и големиот број нови инвестиции реализирани во ТИРЗ зоните во изминатат година.

-Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација не само план или парола – рече Муцунски.

Граѓаните не очекуваат аплауз за статистика, нагласи Муцунски, туку чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци, брзи дигитални услуги, континуитет во подобрувањето…

-Затоа денеска уште повеќе го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови и ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите и најважно, создаваме систем во кој никој не е над законот, зошто довербата е најсилната валута за раст – порача Муцунски.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димоски, на заедничката прес-конференција во Владата со министерот Тимчо Муцунски, рече дека денешниот успех претставува признание за нашата стратегија, пристап и политики кои ги спроведуваме во привлекувањето на странските инвестиции.

 

-Од самиот почеток на мандатот на оваа Влада поставивме јасна цел, која ќе донесе резултати со долгорочно позитивно влијание врз економијата. Како клучни приоритети ги поставивме економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекување нови инвестиции кои ќе донесат високо додадена вредност во македонската економија. По само една година посветена напорна работа сведоци сме дека Македонија е рангирана на шест место во светот и лидер во регионот Адриа, однонос Македонија е пример за земја од Западен Балкан која ги надминува своите можности кога станува збор за привлекување странски инвестиции – потенцира Димоски.