Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски денеска остварил средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, на којашто било потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји.

-На средбата го потврдивме силното и стратешко партнерство меѓу нашите две земји, со фокус на зајакнување на демократските вредности, економскиот раст и регионалната безбедност. Партнерство за кое сведочат и билатералните посети на високо ниво, реализирани во изминатиот период – објави Муцунски на официјалната Фејсбук страница.

Истовремено, додава Муцунски, ја истакнале важноста од поттикнување на економската соработка, привлекување инвестиции и поддршка на иницијативи за унапредување на трговијата и претприемништвото.

-Во фокусот на разговорите беа и безбедносните предизвици, при што ја потврдивме посветеноста на заедничките демократски вредности и стабилноста на Западен Балкан. Заеднички изразивме определба за продолжување на соработката во унапредување на заедничките цели и продлабочување на односите меѓу двете земји – наведува министерот Муцунски.