По повод Меѓународниот ден на образованието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова завчера го прими наставникот Иле Михајловски од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Михајловски е еден од 50-те финалисти за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон, со поддршка од УНЕСКО и компанијата ГЕМС Еџукејшн. За наградата биле номининари 5.000 наставници од 89 држави во светот.
Михајловски ја запознал Силјановска-Давкова со неговата апликација и процедурите за избор, како и со својата тридецениска работа и улога во и надвор од училиштето, преку развој на настава адаптирана за ученици со попреченост, поддршка на децата со социјален ризик, без родителска грижа и во згрижувачки семејства.
Таа му честита на Михајловски и оценила дека изборот во 50-те финалисти е огромно признание и легитимитет за неговата континуирана работа, примената на иновативните методи и постигнатите значајни успеси во образовниот процес.
-Восхитена сум од неговата скромност, емпатија и хуманост, како и од тридецениската примена на иновативни и неконвенционални методи во образованието. Драго ми е што неговиот импакт, визија, позитивно влијание и борба за инклузија на ранливите деца, се препознаени и вреднувани од жирито на Глобална награда за наставници. Од срце му посакувам успех на претстојниот „Наставнички оскар“! – објави Силјановска-Давкова.