Министерство за финансии информира дека Меѓународен монетарен фонд ги поздравува заложбите на Владата за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП во 2026 година, повикувајќи се на извештајот објавен по редовната мисија на ММФ, која беше спроведена во изминатите две недели.
Според ММФ, фискалната консолидација треба да продолжи и на среден рок, при што буџетскиот дефицит треба постепено да се намали на 2 процента до 2030 година. Во однос на приходната страна, се посочува дека дополнителни придобивки може да се постигнат преку намалување на даночните ослободувања по основ на ДДВ, зајакнување на даночната администрација и намалување на сивата економија.
-Во извештајот Мисијата на ММФ истакнува дека земјата во 2025 забележа солиден економски раст и намалување на инфлацијата. ММФ нотира дека растот забрза на 3,5 % во 2025 година, главно поттикнат од инвестиции поврзани со градежништвото и силна приватна потрошувачка во услови на раст на платите и кредитирањето. Вкупната инфлација се намали од високото ниво од 4,8% во јули 2025 година на 2,9% во февруари 2026 година. ММФ очекува шокот од цените на енергијата, кој произлегува од конфликтот на Блискиот Исток, да влијае врз растот и да ја забави економската активност и да ја задржи инфлацијата на повисоко ниво подолго време. Проектира реалниот раст на БДП да забави на 3,1 процент во 2026 година и да се приближи кон проценетиот потенцијал од 3 проценти на среден рок. Позитивно влијание врз перспективите за растот според ММФ може да има посилната имплементација на реформите. Во извештајот наведуваат дека структурните реформи можат да ја зголемат продуктивноста, да ја зајакнат конкурентноста и да поддржат побрзо доходовно приближување кон Европската Унија. Потенцираат дека реформите во енергетскиот сектор се клучни за обезбедување енергетска сигурност и достапност кое е можно преку инвестиции во енергетска инфраструктура и обновливи извори на енергија – се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Мисијата на ММФ беше реализирана во периодот од 18 до 31 март, во рамки на редовните годишни консултации согласно член 4 од Статутот на ММФ.
































