Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Непочитувањето кое СДС и ДУИ го прават кон Македонија стана пракса за која никој од нив не понесува одговорност. Затоа бараме кривична одговорност за Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Воедно, велат од партијата, Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалку што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија.

-Срамен, недржавнички и понижувачки е односот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија – рече Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно, велат од партијата, се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот. Ова однесување е кршење на Уставот на државата, но и на самиот Рамковен договор.

-Бујар Османи во својство на МНР на Македонија во добро познатиот негов надмен и понижувачки стил говори на течен албански јазик иако е назначен да ја преставува Република Македонија. Оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности кои ги има македонскиот народ. Додека граѓаните на Македонија ја плаќаат неговата министерска позиција најмалце што може Османи да направи е да ги почитува вредностите преку почитување на Уставот – вели Митева.

-Османи да престане да биде лицемерен државник кој не пропушта прилика да нагласи како Македонија е почитувана земја од другите држави и конечно да почне тој самиот да ја почитува државата чиј државјанин е, а воедно и официјално именувано лице платено од парите на граѓаните – истакна Митева.