Министерството за здравство ќе интервенира со закажување на термини кај лекарите што имаат помал број на прегледи, односно самите не даваат термини, истакна министерот Фатмир Меџити, најавувајќи измени во системот „Мој термин“.
– Во случај колегите да не даваат термини, ние како министерство имаме можност да им ги закажеме, да дадеме повеќе термини со цел пациентите да бидат згрижени. Ако даваат по два-три термини, веќе дадов наредба и допис до сите здравствени институции низ државата да се пуштат – кажа Меџити.
Министерството за здравство и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираа веб-платформата Е-Здравство која ги интегрира сите достапни дигитални здравствени услуги на едно место. Платформата на македонски и на албански јазик ќе нуди информации од јавен карактер поврзани со здравството, опис и промоција на актуелни програми достапни за граѓаните, регистри и аналитички извештаи кои ќе се користат во здравството.
Веб-платформата, развиена од „Мој Термин“, поддржана од УСАИД и УНИЦЕФ, има и посебен дел посветен на имунизацијата, со што им овозможува на родителите, старателите и на општата јавност пристап до сите информации за редовните вакцини за децата.