Министерот за култура Зоран Љутков остро реагира на обвинувањата од раководството на СКРМ, оценувајќи дека подолг период во јавноста се пласираат неточни и тенденциозни информации со цел да се создаде погрешна слика за неговото работење и односот кон културните работници.
Во својата реакција испратена до медиумите, министерот нагласува дека во ниту еден момент не ги довел во прашање правата на вработените во културата, туку напротив, се залага за реален и конструктивен социјален дијалог. Како што посочува, од негова страна биле иницирани бројни средби и отворена комуникација, кои, според него, често биле игнорирани или одбивани од СКРМ.
Тој укажува дека истекот на колективниот договор, кој трае веќе четири години, претставува сериозен институционален проблем, но одговорноста за застојот ја лоцира кај раководството на синдикатот, кое, наместо дијалог, избрало конфронтација.
Дополнително, министерот предупредува дека јавното коментирање на судски процеси пред нивно завршување претставува притисок врз судството и создава опасен преседан. Во однос на иницијативите пред Уставниот суд, тој истакнува дека тие се дел од демократскиот процес и дека единствено Судот е надлежен да ја оценува уставноста на актите.
Министерот потенцира дека евентуално поништување на колективниот договор би било последица на долготрајниот застој и, како што вели, одбивањето на дијалог од страна на синдикалното раководство. Сепак, изразува надеж дека таков исход ќе се избегне.
Во реакцијата се нагласува и дека синдикалните организации треба да се вратат на својата основна улога – заштита на работничките права, без политички влијанија и притисоци врз институциите.
На крајот, министерот ги отфрла обвинувањата дека неговото дејствување е „предавство“, оценувајќи ги како неосновани, навредливи и политички мотивирани, и додава дека вистинскиот проблем е злоупотребата на културните работници за лични и политички цели.
































