Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со неколкумина други пратеници со безбедносни сертификати побараа увид во договорот со „Бехтел и Енка“, денеска изјави дека тие имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“.
-Прво, би сакал да кажам дека според Уставот и според Законот за класифицирани информации пратениците кои што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“, а не некои владини министри да ги прераскажуваат тие документи во Собранието. Пристап е да го имате документот и договорот во раце, да го анализирате и да знаете кои се добри, а кои се лоши клаузули за буџетот – рече Милошоски во изјава за медиумите.
Зборувајќи за вчерашната најава на претседателот на Собранието Талат Џафери дека договорот ќе биде презентиран, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Џафери со ваквиот став не личи како прв помеѓу пратениците.
Тој потенцира дека криењето на договорот е најсилна индикација дека тоа што го прифатиле, како што рече, „Артан Груби и Димитар Ковачевски има силни индиции за корупција и криминал“.
-Секој премиер или министер којшто потпишал добар договор во интерес на државата или граѓаните би сакал тој договор да го види јавноста и обратно, секој оној кој што крие договор од јавноста, само ги потврдува сомнежите дека тој договор е на штета на буџетот и има клаузули кои што се податливи за корупција и криминал – рече Милошоски.