Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Фросина Стојковска, невролог на Клиника за неврологија

Главоболките се делат на две главни категории – примарни и секундарни.
Примарните главоболки претставуваат главоболки со специфични осбини кои сами по себе претставуваат пореметување, додека секундарните главоболи се симптом на други болести, каде патолошкиот процес е локализиран во крнаиумот или системски, во телото.
Мигрената претставува честа главоболка и е трета по ред причина за отсуствувања од работа во целиот свет. Тежината и честотата на напади на мигрена се разликува кај сите пациенти. Средната зачестеност на мигрена изнесува 1,5 напади месечно, но дури 10% од пациентите имаат напади на мигрена секоја недела. Ако нападите на мигрена се јавуваат повеќе од 15 пати во месецот, се работи за хронична мигрена. Може да се јави во кој било период на животниот век, но најчеста е од 20 до 40 години на животот. Почести се кај жени во репродуктивниот период и тоа пред почеток и во тек на менструалниот циклус. Имаат генетска компонентна. Некои фактори и секојдневни навики се тригери. Некои од нив се замор, патување, исцрпеност, релаксација после стрес, премалку или премногу спиење, јака светлина, облачно време или промена во барометарски притисок, некои видови на храна (чоколадо, сирење), алкохол, црвено вино, прескокнување оброци, месечен циклус итн.
Мигрената спаѓа во примарни главоболки, со преваленца од 15-18% кај жените и 5-6% кај мажите. Се карактеризира со рекурентни епизоди на главоболка која што е унилатерална, најчесто почнува околу едното око, но ако не се третира може да се рашири насекаде на главата и вратот. По квалитет болката е пулсирачка од средно тежок до тежок степен, која што се зголемува при движење или физичка активност. Главоболката трае од 4 до 72 часа. Со неа се јавуваат и пропратни симпотми како што се гадење (80%) и повраќање (50%), чувствителност на светло (фотофобија) или звуци (фонофобија). Мигрената може да почне во било кој дел од денот, но најчесто во утринските часови, после будење или пациентот го буди од сон.
Кај околу 60% од пациентите, денови или часови пред појава на мигрена се јавува т.н. продромална фаза која ја карактеризира промена на расположение (депресија/еуфорија), вознемиреност, проѕевање, жед, поспаност, замор, желба за одредена храна.
Кај 80% од пациентите пред да се јави мигренозната болка, претходи т.н. аура, која се состои од видни, сенозрни или моторни пореметувања, говорни потешкотии или други фокални минливи пореметувања. Најчести се видните симптоми (99%) во вид на скотоми или цик-цак линии во видносто поле кои го нарушуваат видот. Овие транзиторни пореметувања всушност „како да ја најавуваат мигрената”. Аурата обично се развува постепено во тек на 5-20 минути и трае помалку од 60 минути, после што се јавува мигренозната болка. Поретко се јавува само аура, додека главоболката изостанува. Сензорните симптоми се јавуваат во вид на трнење, како мравки да лазат најчесто на рацете и лицето. Моторните симптоми како што се слабост на едната половина на телото (хемипареза) или потешкотии во говорот (дисфазии) се дел од т.н. хемиплегична мигрена, каде што слабоста не се повлекува во тек на мигрената, туку опстојува со саати.
Дијагнозата на мигрена се поставува врз база на клиничката слика и историјата на болеста/симптомите. Дијагностичките критериуми за поставување дијагноза на мигрена без аура се минимум 5 напади на мигрена кои траат од 4 до 72 часа (нетретирани или неуспешно третирани) и главоболка која има минимум две од следниве карактеристики: унилатерална локализација, пулсирачка болка која е од средно тежок до тежок степен, болката се зголемува при физичка активност и при обавување секојдневни активности (одење, качување). Исто така додека трае главоболката според критериумите мора да има минимум една од следниве карактеристики: гадење и/или повраќање, како и фотофобија и фонофобија. Секако сите овие симптоми не треба да спаѓаат во друго заболување. Лабораториски или други дијагностички процедури служат само во случај да исклучат друга состојба од мигрената. Компјутерска томографија или магнетна резонанца на мозок не се неопходни во случај на позната историја на рекурентна мигрена и нормален невролошки наод.
Лекувањето на мигрена се одвива во две фази. Првата фаза е фармаколошки третман на акутната болка (кога се јавува), додека втората фаза е профилактично лекување (превентивна терапија).
Лекување во акутната фаза има за цел намалување или целосно исчезнување на симптомите – болката. Најефективно е кога се даваат лекови 15 минути од почеток на болката или кога болката се уште е од средно тежок степен. Тука спаѓаат неколку групи на лекови: селективни серотонин рецептор агонисти – триптани, серотонин 5-HT1F агонисти – дитани, CGRP рецептор антагонисти – римегепант, уброгепант, ергот деривати – ерготамини, дихидроерготамин, аналгетици, нестероидни анти-инфламаторни лекови (НСАИЛ), антиеметици.
Превентивните лекови служат да се намали честотата како и јачината на болка и се даваат кај оние пациенти кои имаат повеќе од два напади на мигрена месечно, траењето на мигрената е подолго од 24 часа, главоболката во голема мера го нарушува квалитетот на живот на пациентот повеќе од 3 дена, лековите кои ги зема за болка не му помагаат или има прекумерна употреба повеќе од два пати неделно. Во овие профилактички лекови спаѓаат антиепилептични лекови, бета блокатори, калциум канал блокатори, трициклични антидепресиви, SNRI, ботулин токсин, моноклонални антитела против CGRP рецептор.
Третманот на мигрена исто така вклучува и намалување на тригери кои ја предизвикуваат мигрената (недоволно спиење, замор, стрес, одредени видови на храна), не фармаколошки третман (биофидбек, КБТ), витамини, магнезиум, коензим Q10.