фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека во ПИОМ ќе има дупка уште шест – седум години, додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд. Сепак, како што оцени денеска, Фондот е стабилен иако трансферите ќе продолжат да се зголемуваат.

Во ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, сѐ уште постојат два става во однос на Вториот пензиски фонд, едниот за негово национализирање, а другиот за негово функционирање како што е сега.

– Дупка во Пензискиот фонд ќе има се додека Вториот пензиски фонд не почне да сервисира дел од пензиите и тоа беше очекувано. И сега почнува да учествува Вториод фонд во исплата на пензиите, но тоа е минимално. За шест до седум години очекувам сето ова да биде нивелирано и поинаку споредено со денес. Фондот е стабилен иако трансферите ќе продолжат да се зголемуваат се додека Вториот пензиски фонд не почне поробусно да учествува во исплатата на пензиите – рече Мицкоски на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања.

Тој откри и дека на денешната седница на ЕСС имало предлог да се зголеми ДДВ-то од страна на бизнис заедницата, да не биде 18, туку 19,5 отсто.

– Секакви идеи има, но ние треба да ги ставиме аргументите на маса, да направиме анализа и да видиме што добиваме, а што губиме, па потоа да носиме одлуки. Во партијата има различни мислења за Вториот пензиски столб. Едниот став е да се примени концептот како во Естонија, Полска, Унгарија – национализирање, а вторито е да си продолжиме вака. Но, во овој момент не носиме одлуки зашто цениме дека ќе има дупка и таа ќе постои во наредните 6 – 7 години се додека не почнр поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски столб – објасни Мицкоски.