nacionalna sportska penzija
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски и Министерот за спорт, Борко Ристовски денес на свечена церемонија во Владата на Македонија, им додели Национално признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во екипни спортови.

Во своето обраќање до добитниците на признанието Мицкоски порача дека е исправена една неправда и дека спортистите-амбасадори ја добиваат заслужената почит за тоа што со години наназад ја претставуваа Македонија ширум светот.

Доделувањето на национални признанија за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност.

– Ова е чин на длабока, искрена и заслужена почит. Признавање на животен подвиг. На луѓе кои не барале ништо, а дадоа сè. Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост. Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип-дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот. Токму затоа овие признанија се доживотни. Тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика – рече премиерот Мицкоски.

Посочи дека во иднина државата не смее да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирал истата.

– Државата која не ги цени своите херои, полека ја губи и својата душа. Овие 22 признанија се само почеток. Почеток на една нова политика, нов систем на вредности, во кој спортот не е само натпревар, туку образец. Затоа што, ако спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ. Дека успесите се плод на долги и тешки патеки. И токму затоа, денес сме овде-да ја исправиме државата пред оние што одамна ја заслужиле оваа чест,  – додаде Мицкоски.

Мицкоски им порача на младите спортисти да се огледаат на нашите врвни ѕвезди докажани на меѓународна сцена.

– Ова признание не е само награда за минатото, туку и порака за иднината. За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат! Кои се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина. Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас – истакна македонскиот премиер.

Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот се стекнаа:

ФУДБАЛ – Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски.

КОШАРКА – Петар Наумоски, Перо Антиќ.

РАКОМЕТ – Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска, Клара Боева.