Фото: Маја Јаневска Илиева

На најмладите и наставниците сакам да им порачам две работи. Ова се години кога учите за две многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Наставниците сум убеден дека вредностите коишто, најмладите првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија, ќе го пренесат во вистински начин, во вистински дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот.

Ова е пораката што по повод почеток на новата учебна година до првачињата ја упати премиерот Христијан Мицкоски кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска го посетија ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода.

– Уште еднаш ви посакувам среќни првооделенски училишни часови и денови, но исто така и на сите ученици коишто денес го започнуваат првиот училишен час им посакувам нека им е среќна и успешна учебната година. Ви благодарам и Бог да ни ја  благослови Македонија! – истакна премиерот Мицкоски.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Упати пораки коишто, цени, дека за него се важни, но и за сите нас генерално како генерација се важни.

– Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше. Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината – рече премиерот.

Тој изрази задоволство што првпат после 7-8 години учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците во странски јазици, англиски, германски и француски нешто коешто е многу важно за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.

– Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам и на министерката за сето тоа што го направи изминативе 15 месеци за да можеме денес да зборуваме за ова што го зборуваме бидејќи знам колку часови состаноци сме имале поминати во организација за да можеме денес да го постигнеме ова и знам уште колку многу часови состаноци, организација ни се потребни за да го достигнеме нивото коешто стремиме и нивото коешто е потребно за нашите најмлади – рече македонскиот премиер.

Тој му се заблагодари и на градоначалникот на општина Кисела Вода, за кој, како што истакна, занае што сè прави за оваа општина да го добиле ликот што го има денеска. Знам, додаде Мицкоски, колку е тој сè уште амбициозен и сè уште има големи планови, не само за Кисела Вода и за Скопје и убеден сум дека во годините коишто следат тој заедно со својот тим ќе ги реализираат.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека денеска е посебен ден, зашто училиштата се полни со смеа, дружење, а нешто што е многу важно. Таа им посака на сите ученици многу успеси.

Фото: Маја Јаневска Илиева

На наставниците им посака да ја работат нивната работа со многу љубов.

– Министерството за образование и наука заедно со локалните самоуправи во државата во изминатиот период презеде сериозни чекори за подобрување на квалитетот на образованието – подвлече министерката.

Градоначалникот на општината, Орце Ѓорѓиевски рече дека денеска ќе бидат поделени ранчиња и прибор за секое прваче во оваа општина. Тој истакна дека влогот во најмладите, е влог во нашата иднина.

– Вратата кон знаењето е денес отворена пред вас – им порача тој на младите.

Ѓорѓиевски во изјава за медиуми подоцна кажа дека извршен е увид со претседателот на Владата и министерката на доградбата на ова основно училиште. Тој посочи дека се овозможува едносменско работење на основните училишта во општина Кисела Вода.

– Ова и основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во непосредна близина на ова училиште, ќе бидат последните две училишта каде што ќе се следи наставата во една смена, што од една страна ќе биде многу попрактично за учениците и родителите, од друга страна пак, ќе генерира сериозни заштеди за нас, како општина, но и генерално, за училиштето – додаде градоначалникот.

Тој се осврна на дел од мерките што биле преземени изминатите четири години.

– Не се малку, многу мерки, сè со цел да го олесниме образованието, да направиме подобри услови затоа што децата се наша иднина и мораме пред сè, да инвестираме во нив – дециден беше градоначалникот.

Тој рече дека ќе се продолжи со инвестирање во образованието. Посака да биде среќен првиот училишен ден за сите.

Директорот на училиштето, Горанчо Јакимов пред присутните рече дека за првачињата, училиштето ќе биде втор дом, каде ќе се градат нови пријателства. Тој рече дека посветено ќе се работи за квалитетен образовен процес.