Граѓаните треба да знаат дека суштинската реформа што се бара за судиите и обвинителите е како да се зголеми нивниот буџет. Имам дилема дали и овие плати што ги земаат тие ги заслужуваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Сакам граѓаните да знаат дека сите оние таканаречени експерти кога излегуваат и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во обвинителството и во судството, ова е суштинската реформа, како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8 проценти од БДП, а на обвинителите до 0,5 проценти од БДП што е два до три пати повеќе од некои земји членки на Европската унија. Не е проблем, ние ќе ги зголеми три пати ама да ги заслужат. Имам дилема дали и овие плати тие ги заслужуваат кои што сега ги земаат – рече премиерот Мицкоски.
Прашан како ја коментира вчерашната условна пресуда за докторка во случајот Онкологија, тој кажа дека неговите ставови за обвинителството и судството се многу пати кажани и разговарани и оти се бараат закони со кои во суштина се бара зголемување на буџетот за судовите и обвинителствата.
-Во суштина сакам јавноста да знае дека станува збор за шест закони каде што основната суштина е зголемување на буџетот од кои што директно ќе имплицира зголемување на платите на обвинителите и на судиите коишто имаат рејтинг од 2 проценти, а се бара зголемување на нивниот буџет којшто би бил сега 0,8 проценти од БДП, а за обвинителите 0,5 проценти од БДП и секогаш чуствувам некоја мачнина бидејќи тие и овие плати што ги земаат не ги заслужуваат имајќи ги предвид ваквите судски одлуки за кои вие сега зборувате – рече Мицкоски во Штип.