Главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие кои довербата во правниот систем ја сведоа на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето на Самитот Македонија 2025.
Мицкоски потенцираше дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот, ниту има намера да се меша во овие две тела.
– Исто така наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата – истакна Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека целта е комплетна автономија во правниот систем.
-Но, ако забележиме какво било влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание, ќе има сериозна кривична одговорност. Немаме намера ниту милиметар да отстапиме – рече Мицкоски.
Во однос на економијата, повтори дека главен приоритет ќе биде силен развој за просперитет на државата и граѓаните.
-Приоритет на идната влада ќе бидат бизнисот и економскиот развој. Немаме поинаква цел, бидејќи поддршката што ја добивме од граѓаните не обврзува, но и не охрабрува се што зборувавме во кампањата и годините наназад, сега да го примениме на дело. Повеќе во овие три децении во Македонија се зборуваше за „fairytale“, се зборуваше за нешто кое што не зависеше само од нас. А, многу малку се зборуваше за нешто што зависи од нас. Целта на владата ќе биде да зборуваме за работите кои зависат од нас, да ја донесеме работата на идната влада пред сечиј дом на секој граѓанин. Нема да зборуваме за бајки и чуда, туку за реални работи, за реалноста што треба заеднички да ја градиме со нашите Македонци од светот – порача Мицкоски.