Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека здравството останува еден од врвните приоритети на Владата, најавувајќи нови инвестиции и модернизација на здравствената инфраструктура, со фокус на операционите сали.
Тој посочи дека во моментов се пуштаат во употреба шест современи операциони сали, а во наредните неколку месеци се очекува да бидат отворени уште четири, со што ќе се заокружи процесот на изградба на вкупно 10 модерни сали.
– Се очекува за неколку месеци од денеска уште четири дополнителни сали да бидат пуштени, со што ќе го заокружиме процесот од 10 вакви современи, многу модерни сали – истакна Мицкоски.
Премиерот најави дека од почетокот на летото ќе биде завршен и уште еден значаен проект во болницата „8 Септември“, каде што исто така ќе има нови, современи операциони сали.
– Очекувам дека од почетокот на летото ќе имаме можност да видиме уште еден проект којшто ќе биде завршен, а тоа е во болницата „8 Септември“, каде што исто така ќе имаме супер модерни операциони сали – рече премиерот.
Според него, со реализацијата на овие проекти, земјата ќе стане лидер во регионот кога станува збор за ваков тип на здравствена инфраструктура.
Мицкоски нагласи дека здравствениот систем се соочува со бројни предизвици и дека се потребни суштински реформи, како во организацијата, така и во пристапот и менталитетот.
– Се разбира дека во здравството има многу работи да се прават. Потребни се фундаментални, структурни промени, но нашата цел е да решаваме проблем по проблем – рече тој.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со вакви проекти, со цел подобрување на условите за лекување и заштита на здравјето на граѓаните.
Воедно, премиерот упати благодарност до директорите, министерот и сите вклучени во реализацијата на проектите, потенцирајќи дека поддршката за здравството ќе продолжи и во наредниот период.






































