Заедничка меѓувладина седница на Македонија и Унгарија ќе се одржи денеска во Охрид откако претходно премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ќе одржат тет-а-тет средба.
По седницата се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција.
Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.
Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.
За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, Законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.
Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Опозицијата во Собранието, тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.
Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.