Како дел од своите програмски активности, Академија Балканика Еуропеана значаен акцент посветува на поддржувањето на иницијативи, активности и реализација на проекти кои придонесуваат за подигнување на нивото на образованието и културата во земјата и регионот.
Во таа насока, со поддршка на Министертвото за култура од 7 -9 јуни 2023 година, беше организирана меѓународна научна конференција под наслов: Современите текови во македонското музичко-сценско творештво.
Македонското музичко-сценско творештво претставува еден од стожерите на македонското музичко творештво, а согласно тоа, и еден од главните двигатели на музичкиот живот во нашата држава. Поставувајќи ги основите во поствоениот период, кој се карактеризира и со воспоставување на современиот музички живот, музичкото-сценско творештво, оттогаш, па до денес, бележи низа значајни изблици, преку кои македонските композитори ја презентираат својата композиторска зрелост и творечка имагинација.
Трудовите на оваа меѓународна конференција беа посветени на следниве области:
– Македонските опери во 21 век
– Македонските балети во 21 век
– Македонските уметници во македонското музичко-сценско творештво
– Камерното творештво на современите композитори
– Вокално-инструменталните дела во 21 век
– Естетиката на музичко-сценските дела
– Македонското современо творештво на сцените во светот
На конференцијата што се одржа под модераторство на проф. Дарко Мариновски и проф. Гоце Ристовски, со свои трудови и презентации зедоа учество поголем број истакнати имиња од земјата и странство од областа на музичко сценските дејности, од кои што вреди да се издвојат Бачким Шеху, Елизабета Шелева, Кујтим Чашку, Олга Панго, Елизабет Колевска итн.