Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, која е дел од здружената албанска опозицијата, порача дека во Алијансата за Албанците има разни мислења за тоа дали ќе настапат заедно на следните избори.
-Крајно време е да пресечат. Ние сме отворени и за невладиниот сектор и за независните интелектуалци. Треба да одлучат дали ќе одат со власта или со опозицијата – порача Меџити на заедничката прес-конференција со лидерите на Алтернативата и на Беса, Африм Гаши и Биљал Касами.
-Сакаме да искажеме благодарност до меѓународните сојузници, кои засега ја спречуваат авантурата на ДУИ за враќање на Груевски во Скопје. Сепак, повикуваме на будност бидејќи како и секој друг очајник така и ДУИ се фаќа за сламка. Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажана од уставните измени и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствува пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ – рече Меџити.
Додаде дека во ДУИ се надеваат оти Груевски ќе им обезбеди позиција и со изгубени избори да може да издејствуваат концентрациона влада, во која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ.
-Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата, нема прошка за кокетирањето со Груевски. Врв на лицемерството е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе европските вредности од Будимпешта – вели Меџити.
Гаши, пак, оценува дека без искоренување на корупцијата, нема што да бараме во ЕУ.
-Нема да правиме никакви компромиси со патот на државата кон ЕУ. Вториот наш услов се работи за уставниот амандман за незастарување на политичката корупција. Нашата цел е крајно да ставиме точка на злоупотребата на функционерите и на избраните и именуваните лица, кои се збогатуваат со парите на народот. Ќе се бориме тоа да биде уставен амандман и тие дела да не застаруваат никогаш. И третиот наш услов се работи за формулацијата за албанскиот јазик. Ние сметаме дека таа формулација е понижувачка и кога ќе се отвори уставот, таа треба да се смени. Во Уставот треба да стои јасно – албанскиот јазик, а не никакви други проценти, затоа што мислиме дека тоа не им прави никаква чест ниту на Албанците, ниту на Македонците, ниту на сите други граѓани, а е за унапредување на државата во рамките на ЕУ – рече Гаши, пренесе Макфакс.