Фото: Пиксабеј

Министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити уверува дека ќе има пошумување секада каде што ќе биде потребно по пожарите кои изминатиот период зафатија големи површини со шума.

– Работиме превентивно и стратешки во тој дел. Исто така, со сите напори без разлика чии ингеренции се во моментов заеднички настапуваме за да се изгаснат пожарите, а потоа ве уверувам дека таму каде што е потребно ќе има пошумување – рече Меџити.

Според последните податоци од Центарот за управување со кризи, на територијата на државава активни се три пожари, а пет се под контрола од вкупно регистрирани 15.

Активни се пожарите во планина Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација, и во прилепското село Бешиште, кај местото викано Бешишки Рид, со крак кон село Градешница во Новаци и крак кон границата со Грција, каде е зафатена мешана шума, но не се интервенира поради детонации.

Се уште горат и површини меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во општина Прилеп и селата Галиште и Трстеник во општина Кавадарци, каде гори мешана шума и ниска вегетација.

Под контрола се ставени пожарите во општина Македонски Брод, помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во селата Грешница и Латово, мешана шума и сува трева, помеѓу селата Драгоево и Селце во Општина Штип, нискостеблеста шума, прнар и сува трева, во село Јунузлија во Карбинци.