Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ивана Гиновска денеска, во пресрет на претстојните есенски и зимски месеци, најавија засилени контроли на квалитетот на воздухот. Контролите ќе почнат, како што рекоа, од најголемите индустриски производни капацитети, а први ќе бидат оние во скопскиот регион.
Работните тимови ќе спроведуваат увиди на терен и надзор на издадените интегрирани еколошки дозволи. Целта е, нагласи Меџити, да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на капацитетите. Според него, Владата сака навреме да стартува со активности за ублажување на последиците од загадувањето.
-Нашата стратегиска определба е да делуваме врз изворите на загадувањето. Тргнувајќи од фактот дека квалитетот на воздухот не може да се реши преку ноќ, ниту е тоа локален проблем или проблем на едно министерство, активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето ќе настојуавме да бидат инклузивни, да се споделуваат и координираат со сите релевантни институции – напомена министерот.
Гиновска потенцира дека во есенските и зимските месеци веќе се планирани редовни инспекциски надзори кај субјектите со А интегрирани еколошки дозволи.
– При надзорите, покрај наши тимови, ќе присуствуваат и вработени во Министерството за животна средина кои ги изготвуваат одобренијата за дозволите. За спроведените надзори, ДИЖС редовно ќе ја известува јавноста. Ќе биде изготвена и стратегија за спроведување на законодавството за период од шест години по реони и области со цел оптимизација на ресурсите – рече директорката.
Новина е, потенцира, тоа што ќе има мешовити инспекциски тимови – инспектори од еден град или регион ќе вршат надзор во други градови и реони за зајакнување на интегриетот и подобрување на квалитетот на надзорите.
Таа информира дека ДИЖС се соочува со недостиг на кадар поради што побарал вработувања и има одобрен план за вработување тројца нови инспектори. За наредната година Инспекторатот предвидува плус девет вработувања, но тоа, рече Гиновска, ќе зависи од Буџетот.