ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?
„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци
Студиите на Факултетот за земјоделски науки и храна ги почнала со стипендија од Претседателот на државата, поради континуираниот одличен успех во средното образование, кое го завршила во природно-математичката гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје, каде, како што вели, имала чест и среќа да ги слуша „интересните предавања по математика и животните лекции на Фросе, како и невоообичаените философски лекции и предавања на Сидо“.
– Изборот на факултетот и насоката Преработка на растителни земјоделски производи го направив поради фактот што храната е нешто без кое не можеме да живееме и секогаш има простор за нејзино видоизменување и унапредување, како и поради мојот афинитет кон предметите биологија и хемија. Благодарна сум што имав можност токму биохемија да учам од проф. Зоран Т. Поповски, кој своите знаења ги пренесуваше со огромна желба да научиме и со многу анегдоти кои помагаа во памтењето на лекциите. Одличниот успех од средното образование го продолжив и на студиите, и со радост се сеќавам на дружењата со колегите, заедничката подготовка на испити или проектни активности, како и екскурзиите на терен – вели Марија.
Студентка, спортистка, фармерка…
Додека била на факултет, била и многу спортски активна, а знаењето од студиите го надградувала и на фарма во Англија.
– Бев и спортски активна, па се натпреварував за факултетот на повеќе Агрономијади и на државните студентски натпревари во пингпонг и кошарка. На крајот на трета година од студиите, во период од шест месеци бев во Англија, на фарма за одгледување јагоди, малини и боровинки. Таму видов како изгледа сезонска работа на ваков тип на фарма и учев за организацијата на работата и функционирањето на фарма со огромен број на вработени и големи обработливи површини.
Постдипломски на Крит
Марија дипломирала во јуни 2009 година, како првенец на генерацијата, со среден успех 9,88. Неколку месеци пред дипломирањето добила информација за магистерски студии на Медитеранскиот Агрономски Институт во Ханија, Крит (MAICh), кој е дел од Меѓународниот центар за напредни медитерански агрономски студии (CIHEAM). Не се двоумела дали да се пријави.
– Решив да аплицирам , бидејќи студиумот беше интересен, со предмети кои беа надградба на додипломските студии, но и нови, со доста лабораториска пракса, која е особено значајна за нашата струка, а средината – интернационална, со студенти и професори претежно од медитеранските земји, но и од други делови на светот – вели Марија.
Апликацијата ѝ била прифатена, и иако во тој период била волонтер на неколку одделенија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, одлучила да го продолжи образованието и повторно како стипендист ги почнала магистерските студии во октомври 2009 на Крит во Грција, на насоката Квалитет на храна и хемија на природни производи.
– Искуството од овој период ми беше непроценливо, како за самостоен живот во странство, така и за студирање на јазик кој не ми е мајчин и да се биде дел од многу хетерогена заедница – посочува Марија.
Додека била на магистерските студии добила известување од Македонија дека ќе добие Пофалница од Универзитетот „Св. Кирил и Методиj” за најдобар успех постигнат во студирањето на Факултетот за земјоделски науки и храна во учебната 2008/2009 година, како и Инженерски прстен кој го доделува Инженерската институција на Македонија за најдобар успех постигнат во студирањето на истиот факултет.
И двете награди во Скопје место неа ги примиле нејзините родители, бидејќи во тоа време Марија имала испитна сесија и не можела да дојде во Македонија.
Магистер, волонтер, докторант, демонстратор
Во 2011 година Марија ги завршила магистерските студии (cum maxima laude) и се вратила во Скопје и по извесно време почнала да волонтира.
– Почнав да волонтирам во Истражувачкиот Центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦИГБ) „Георги Д. Ефремов“, при МАНУ, и да учам за техниките и методите во молекуларната биологија. Неизмерно сум благодарна за шансата за учење и напредување која ми беше дадена таму, пред сè од проф. Дијана Плашеска-Каранфилска, раководител на Секторот за изучување на молекуларните основи на болестите и мој ментор на докторските студии, за несебичното делење на знаење од колегите и претпоставените во Центарот, раскажува нашата соговорничка.
Во 2015 година овој истражувачки центар при МАНУ станал нејзино официјално работно место. Во почетокот работела на анализите за присуство на ГМО во различни производи, а со текот на времето, повеќе се насочила кон молекуларните дефекти во различни гени поврзани со ретки болести кај луѓето.
– Покрај секојдневната работа со најсовремени технологии во областа на молекуларната биологија и генетика во медицината, сум била и на повеќе научни конференции и стручни семинари, како Европската конференција за хумана енетика (ESHG), Балканскиот конгрес за хумана генетика, различни курсеви, работилници…
Во 2016 година почнала со докторски студии на Фармацевтскиот факултет во Скопје, а од крајот на 2019 година е ангажирана и како демонстратор на Факултетот за земјоделски науки и храна, во областа на биохемија и ГМО.
Работете на себе и на своите цели
Марија вели дека основата на успехот е да се знае што се сака и да се работи на себе и на зацртаните цели. Но, додава и дека сака да види поголем ангажман од државата при вложувањето во образованието.
Според моето мислење и искуство, успехот во образованието се постигнува пред сè со работа на себе, пронаоѓање на интересите и посветување на исполнување на истите. Секојдневно сме изложени на огромна количина секакви информации, но наш е изборот на што ќе посветиме време и со што повеќе ќе се ангажираме. Низ лавиринтите на знаењето, зборувам за формалното образование, можеме да поминеме само со многу труд и посветеност, а работата на себе и учењето трае цел живот. На мојот пат на образованието во блиска иднина ќе биде докторирањето како зацртана цел за исполнување. Се радувам и на новите можности за учење и напредување на местото каде сум во ИЦГИБ, како и на продолжување на соработката со Факултетот за земјоделски науки и храна. Би сакала државата подобро да ја согледа потребата од вложување во образованието, посебно во техничките (инженерски) струки и природните науки, каде потребата и бенефитот од практичната лабораториска работа се неизмерни – вели Марија.
Таа додава дека со што поголеми државни вложувања во образованието и со што повеќе соработка со компании кои би ги отвориле вратите за студентите кои се желни за знаење и работа, ќе почне да се решава и еден од најгорливите проблеми во државата, а тоа е одливот на мозоци од Македонија.