Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на скопскиот аеродром ја пречека српската премиерка Ана Брнабиќ, која денеска ќе престојува во посета наМакедонија.
Маричиќ, како што информираат од неговиот кабинет, и посакал добредојде и изразил големо задоволство од нејзината средба, посочувајќи дека посетата на премиерката Брнабиќ, во време на предизвиците со кои се соочува Европа и регионот, ќе ја искористат да разговараат на темите поврзани со напредокот во евроинтеграциите на двете пријателски земји, меѓусебната соработка и околу подготовките и активностите на Самитот на „Отворен Балкан“.
Брнабиќ, денеска прво ќе оствари работна средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која присутен ќе биде и вицепремиерот Маричиќ, а потоа, како што е најавено заедно со Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати на Самитот што го организира „Македонија 2025″.