Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва изјави дека се задоволни од Извештајот на Европската комисија, но според него тоа не значи дека треба да се застане, туку извештајот треба да биде мотивација за одбирање клучни области во кои би имале подобри оценки.
– Задоволни сме, но не е доволно за да се опуштаме и да не правиме ништо наредните 12 месеци – изјави Маричиќ во „Топ тема“ на Телма, додавајќи дека вкупната оценка за подготвеност на добро ниво е задоволителна, имајќи предвид дека земјата се соочува со сериозна кризна година со нов состав на Владата, последиците од ковид, како и последиците од војната во Украина.
Приоритетите на Владата, како што посочи вицепремиерот, биле фокусирани на менаџирање на последиците на кризата, но и во такви услови, како што рече, „ги отворивме преговорите со Европската Унија и одржавме одредено темпо на континуитет на реформите“.
– Тоа значи дека добро сме ја пребродиле кризната година – рече Маричиќ и додаде дека како држава треба да сме задоволни од оценките во кластерот за фундаментални вредности, каде што државата е позитивно оценета за спроведувањето на пописот, локалните избори, континуитетот во реформите во судството, како и добрите оценки за економијата поради доброто менаџирање на кризата.
Маричиќ вели дека еден од „минусите“ истакнат во Извештајот на ЕК е атмосферата во Парламентот.
– Нам ни е неопходна обнова на консензусот во Собранието меѓу партиите, но и во општеството. Треба да знаеме дека без дилеми одиме кон ЕУ – рече Маричиќ, потенцирајќи дека поддршката мора да е проширена и оти не може само Владата и одредена група на граѓански организации да држат на таа агенда.
Според него мора да седнат на иста маса без разлика на тоа кој каков став имал дали за францускиот предлог или за други прашања. Заклучи дека мора да се искористи почетокот на преговорите и овој Извештај за да се тргне во насоката кон ЕУ, но нагласи дека исто така е важно и Европската Унија да даде јасен план дека идејата и целта за членство во ЕУ е реална, опиплива и достижна во догледно време.