Од 1 октомври годинава сите пациенти со цистична фиброза на возраст до 18 години ќе се лекуваат на Универзитетската клиника за детски болести, а пациентите со наполнети 18 години на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.

Како што соопшти Министерството за здравство, оваа одлука е согласно препораката од Националната комисија за ретки болести.

– Активностите за третманот на пациентите со цистична фиброза се договорени и усогласени на одржаните координирани состаноци на УК за детски болести Скопје, УК за пулмологија и алергологија и претставници на ФЗОРСМ и МЗ, земајќи предвид дека лекувањето на овие пациенти треба да биде во јавни здравствени установи од терциерно ниво кои ги исполнуваат стандардите за хоспитализација со оглед на специфичноста на болеста и во кои поради стручноста на кадарот, лекувањето на пациентите со цистична фиброза ќе биде согласно светските протоколи – соопшти Министерството за здравство.

Во однос на потребната инхалаторна терапија за сите пациенти, како што се наведува, таа ќе биде обезбедена преку јавна набавка спроведена од страна на УК за детски болести, преку обезбедување дополнителен буџет од страна на ФЗОРСМ и согласно потребните количини на пациентите. Терапијата ќе биде дистрибуирана согласно веќе воспоставениот систем до местото на живеење на секој пациент (инсулинска аптека).