Суверено право на секоја држава е не само да склучува и да раскинува договори, туку и со акт да воспостави или да раскине дипломатски односи, дури и еднострано. Оттука, правилно поставеното прашање за референдумот би требало да гласи „Дали сте за раскинување на Договорот за пријателство со Бугарија?“
Игор Јанев
Од правна страна, референдумското прашање што го предлага партијата Левица (Дали сте за продолжување на преговорите со Европската Унија, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?), секако, може да биде поставено. Но тоа е само едно разводнување на поконкретното прашање што го постави партијата ВМРО-ДПМНЕ. А и прашањето на ВМРО-ДПМНЕ беше поставено со преголема зависност, односно насоченост спрема домашната јурисдикција, што непотребно дополнително го проблематизира процесот на уривање на договорот. Во прашањето на ВМРО-ДПМНЕ непотребно се проблематизираше внатрешната јурисдикција, т.е. односот меѓу домашното и меѓународното право, што во голема мера остави простор за произволно интерпретирање на Уставот, во чл.118, од страна на претседателот на Собранието, Џафери.
Слабоста на двете предложени референдумски прашања произлегува од тоа што правните експерти што работеле на нив, или не сфаќаат, или недоволно добро разбираат дека не е неопходна домашна постапка за поништување на договорот или на Законот за ратификацијата, бидејќи за меѓународното право сосема е нерелевантно што пропишуваат домашните закони, па и Уставот. Дипломатската нота не може апостериори да се поништи, или да биде предмет на давање одобрение. Меѓународното право има примат, а дипломатските ноти што се праќаат имаат непосредно и директно правно дејство.
Од фактот што меѓународното право има примат, во однос на локалните закони, доволно е да се прати дипломатска нота во која се искажува државната волја да се раскине конкретниот договор.
Имено, кога се работи конкретно за Договорот за добрососедство со Бугарија, со кој флагрантно се крши принципот на културниот суверенитет, доволно е да се испрати писмо со кое се раскинува договорот, во согласност со членот 13, став 3 од овој договор, каде што се предвидува постапката за раскинување.
За ваков чекор не е потребно претходно домашно поништување на актот или на Законот за ратификацијата.
Во нота со која се раскинува Договорот за пријателство со Бугарија доволно е да се нотира дека истиот договор е злоупотребен како инструмент за флагрантно кршење на суверените културни права на нашата држава. Инаку, суверено право на секоја држава е не само да склучува и да раскинува договори, туку и со акт да воспостави или да раскине дипломатски односи, дури и еднострано.
Оттука, правилно поставеното прашање за референдумот би требало да гласи „Дали сте за раскинување на Договорот за пријателство со Бугарија?“
Доколку така беше поставено прашањето, спикерот Џафери не ќе можеше да се повика на прекршување на Уставот или домашните закони, бидејќи овде се работи за меѓународен едностран акт (дипломатската нота за раскинување) и како таква е предвидена како постапка во самиот Договор за пријателство со Бугарија (во согласност со чл.13.)
Инаку, треба да нагласам дека без разлика на формата и содржината на прашањето, многу е тешко да се извлече високопоставениот цензус од 50 отсто или над 900.000 излезени гласачи.
Кај нас, забележлива е наклонетоста на политиката одговорноста за одлуката за секое важно прашање да се префрли во рацете на народот. Но народот на референдумот, при создавање на суверена Република Македонија веќе го искажа својот став.
Што се однесува до евроинтеграциите на Македонија, за кои се најавува некаков страв дека би можеле да бидат загрозени со референдум против францускиот предлог, треба да се има предвид дека тие веќе се блокирани со невозможни асимилаторски услови, кои станаа дел од преговарачката рамка за ЕУ. (Како што објаснив порано, асимилацијата и етнонегацијата се нелегални во меѓународното право.)
Но вината за оваа состојба, односно фиксирана рамка не е на македонска страна. Се работи за погрешена процена на ЕУ. Но овој факт ЕУ нема никогаш да признае.
Кога станува збор за позициите на македонската страна, Договорот со Бугарија практично веќе не може да се „репреговара“ како што навестува ВМРО-ДПМНЕ (по „поништувањето“), бидејќи нелегалните асимилаторски позиции сега цврсто се зацементирани во наведената преговарачка рамка, втемелена на францускиот предлог и протоколот, кои беа прошверцувани неодамна во Собранието.